ЕУ ќе прима бегалци од конфликтни зони
БРИСЕЛ - Европската комисија се подготвува да обелодени планови со кои ќе им се дозволи пристап на повеќе бегалци од конфликтните зони и од сиромашните земји во европските држави. Цел на плановите е да се одвратат имигрантите, главно, од Африка, илегално да доаѓаат во Европа. Многумина го ризикуваат животот во обид да влезат во ЕУ, честопати барајќи ги трговците со бело робје. Од сите бегалци раселени низ светот минатата година само седум отсто се прифатени во земји-членки на ЕУ.
Европската комисија, извршно тело на ЕУ, сака да им помогне на луѓето што побегнале од хуманитарни кризи, како таа во Ирак. Сега два милиона Ирачани живеат несигурно во Сирија, Јордан и на други места на Блискиот Исток.
Според новиот план, земјите-членки на ЕУ секоја година заедно ќе решаваат кои групи бегалци треба да добијат приоритет за раселување, како и да добијат повеќе пари од заедничкиот фонд за да им се обезбеди нов дом. ЕУ, исто така, се обидува да го подобри имиџот на светската сцена. Минатата година 27-члената Унија прифати помалку од 6.000 луѓе, во споредба со над 60.000 раселени во САД. Портпаролот на Организацијата на ОН за бегалци (УНХЦР), Жил ван Мортел, рече: „Точно е дека сега десет од 27 земји-членки имаат програми за раселување. Се надеваме дека со заедничкиот план на ЕУ за раселување и со раселувањето на ирачките бегалци работите ќе се сменат“.
Белгија е една од земјите-членки на ЕУ која првпат ги отвори вратите за бегалците од Ирак. Триесет и шест бегалци вчера требаше да пристигнат од Сирија и од Јордан, а уште 11 кон крајот на месецот, меѓу кои и 16-годишно девојче, кое работело како преведувач за американските војници. За нив тоа значи нов почеток во Европа, но за многу други иднината останува несигурна. (Би-Би-Си) |