Иринеј нишки нов поглавар на СПЦ
Изборот на осумдесегодишниот владика примен со олеснување во МПЦ како добро решение
Од нашиот известувач Билјана Јовановска
Белград - Осумдесетгодишниот нишки владика Иринеј Гавриловиќ е избран за 45. патријарх на Српската православна црква. По пет и полчасовно заседание на Соборот, камбаните на Соборната црква, која е спроти Патријаршијата, го означија изборот на поглаварот, а набргу потоа владиците почнаа да го напуштаат седиштето на СПЦ, кое од вчера доби полициско засилување.
Иако пликото со името на г. Иринеј нишки е извлечено по случаен избор - со апостолска ждрепка, при што можни кандидати беа и митрополитот црногорско-приморски Амфилохие и Иринеј бачки, оваа вест во Белград е примена исклучително позитивно, бидејќи на СПЦ и' е потребен поглавар што ќе го врати разнишаното единство во епископатот, но и духовник кој е ценет и почитуван. Според скромниот начин на живеење, тврдат, г. Иринеј нишки е најблизок до починатиот патријарх Павле, со кого беше многу близок и еден од ретките српски епископи на кого и најупорните не би можеле да му најдат црна дамка, ниту изјава со екстремистички набој.
Фактот дека врвот на Македонската православна црква веднаш откако ја дозна информацијата кој е новиот српски патријарх експресно испрати телеграма до г. Иринеј во која му го честита изборот, доволно говори дека новоизбраниот српски патријарх и за нас е добро решение кое влева надеж за разврска на неколкудеценискиот мегуцрковен спор.
Непосредно по изборот, г. Иринеј кусо изјави дека „на таа чесна и тешка должност сум избран со помош на браќата архијереи и заедно ќе го носиме и товарот и проблемите“. Во првичните коментари на црковните аналитичари се нагласува дека во новоизбраниот патријарх СПЦ доби добар наследник на г. Павле, кој е подготвен да ја зацврсне Црквата и да го активира дијалогот со сите помесни цркви. Што се однесува до МПЦ, г. Иринеј не се стеснувал од средби и разговори со нашите великодостоинственици, иако важи за поддржувач на фамозниот Нишки договор. Дали е тоа само поради фактот што договорот се случи во неговата епархија, во Ниш или, пак, е тоа став во однос на решавањето на проблемот со признавањето на автокефалниот статус на на��ата Црква, допрва ќе се види. Како приоритетни задачи за новиот патријарх дури и во Белград се нагласува надминувањето на отворените прашања со МПЦ.
Заседанието на Соборот во патријаршкиот двор во Белград започна точно во 9 часот по литургијата во Соборната црква и заврши неочекувано брзо, без малку експресно. Вкупно 45 епископи се повлекоа во Патријаршијата. Непожелни внатре не беа само новинарите, туку дури и на вработените им било препорачано на денот на гласањето за патријарх да не доаѓаат на работа. Според изјавата на владиката Иринеј бачки, кој е и портпарол на СПЦ, изборот се случи по четвртиот круг, но за деталите не сакаше да говори. Интронизацијата ќе биде денес во Соборниот храм, а се' уште не се соопштува кои високи претставници од православниот свет ќе присуствуваат на овој чин. Извесно е дека во Белград ќе присуствува на устоличувањето и делегација на Македонската православна црква. Речиси е сигурно дека овде ќе пристигне и архиепископот македонски и охридски Стефан, кој има добри релации со новиот патријарх, дотолку повеќе што неодамна во Ниш му беше гостин на г. Иринеј.
Со изборот се потврди правилото дека секогаш кога има двајца силни претенденти на тронот, победува третиот. Митрополитите Амфилохие и Иринеј бачки, за волја на вистината, важеа за фаворити од едноставна причина што зад нив стои силната грчка струја. Затоа не случајно, како компромисно решение, се спомнуваше Иринеј нишки. Тој е традиционалист, меѓутоа, и покрај тоа што сега веќе избраниот патријарх Иринеј е претставник на таканареченото конзервативно крило во српскиот епископат, меѓу клириците важи за духовник кој и покрај годините, сепак, не е крут во ставовите .Тој, како што велат, кон секојдневните настани се однесува со мудрост. Особено внимание деновиве привлече неговата изјава дека Црквата би го поздравила доаѓањето на папата во Србија на годишнината од Миланскиот едикт во 2013 година. Конкретно, за многумина неочекувано, тој нагласи дека „тоа би била добра можност не само за екуменска средба, туку и за дијалог. Тоа можеби би била и можност да се постави прашањето на повторното обединување и да започне разговорот за тоа“. Ова наведе многумина да размислуваат дека можеби иден поглавар ќе биде Иринеј бачки, кој е најблизок со Ватикан. |