Во болницата на Камчеви ќе заминат 200 вработени
Околу 150-200 вработени од клиниките и од општите болници во Скопје планираат да заминат да работат во новата болница на семејството Камчеви во Злокуќани во Скопје. Болницата финишира и, како што дознаваме, треба да биде отворена најдоцна до март. Најголемиот број се лекари и медицински сестри од Хируршките клиники, иако не е мал бројот и на лекари и друг медицински персонал од другите клиники - Кардиологија, Детска, Ушна, Нефрологија, КАРИЛ. Се зборува дека за да се одлучат да преминат во приватната болница, на врвните лекари им биле нудени плати од 5.000 до 10.000 евра.
Засега никој јавно не сака да обелодени по колку лекари и медицински сестри од секоја клиника ќе си заминат во новата болница. Но, без разлика колку вработени ќе си заминат, секако, ќе се одрази врз работата на клиниките. Најалармантно, по се' изгледа, ќе биде со анестезиолозите, со кои и сега Хируршките клиники имаат недостиг, велат доброупатени извори.
Од Хируршките клиники, како и од другите клиники, велат дека има само најави дека ќе си заминат дел од вработените, но досега никој нема побарано отказно решение.
Во општата болница на Камчеви се планира да има и кардиохируршки центар, кој по „Филип Втори“ на д-р Жан Митрев, ќе биде втора болница од ваков вид во земјава. Според последните информации, со центарот, најверојатно, ќе раководи израелскиот кардиохирург Исак Таџер, со кого Камчеви одамна преговараат, а деновиве се очекува да биде потпишан и договор за соработка. Колку „тежи“ договорот не се открива. И овој центар, како и „Филип Втори“, планира да работи со Фондот за здравствено осигурување. (Ј.Ј.) |