Пациентите заглавени во изборот на лабораторија
Фондот не објавил во кои лаборатории можат да се прават специјалистички анализи
Јасмина Јовановска
Фондот за здравствено осигурување колку да се рече им даде право на пациентите да изберат во која лабораторија ќе прават анализа на крвта и на урината. Правото на избор на лабораторија е повеќе формално. Односно правото на избор на лабораториите е колку да се задоволи одлуката на Уставниот суд дека не може пациентите да се ограничуваат во која лабораторија ќе ги прават биохемиските анализи. Нема некоја поголема промена во бројот на лаборатории во кои пациентите може да се обратат за основниот пакет анализи. Фондот никаде нема објавено или истакнато во кои лаборатории пациентите може да го реализираат своето право, односно кои се лабораториите со кои Фондот има склучено договор за соработка.
Од Фондот велат дека 44 лаборатории во земјава со кои имаат склучено договор да може да прават анализи со сини картони, може да се најдат на Интернет-страницата на Фондот. А што со оние што немаат Интернет?
Фондот се пофали дека ќе може да се прават и специјалистички анализи со сини картони, како концентрација на тироксин во крвта или, пак, протеини и ензими, за што ќе треба специјалистички упат. Во повеќето приватни лаборатории со кои Фондот има склучено договор се прави само примарниот пакет лабораториски анализи. Пациентите се шетаат од лабораторија до лабораторија, со тоа што во една се испраќаат да ја направат основната палета анализи, а за специјалситичките се упатуваат во друга лабораторија, и тоа, пред се', во јавна здравствена установа.
Во Скопје Фондот засега има склучено договор само со десет примарни лаборатории, а меѓу нив ги нема попознатите лаборатории кои вршат поголема палета специјалистички анализи, во кои и досега матичните лекари ги препраќаат пациентите. Од Фондот велат дека лабораториите што ги нема на списокот треба да ја соберат потребната документација, по што ќе бидат повикани на склучување договор.
Во лабораторијата „Авицена“ не' информираат дека се' уште немаат склучено договор. Но, и да склучат тоа ќе биде само за примарниот пакет, но не и за специјалистичкиот пакет, зашто не им се исплати. „Фондот ни дава м��сечен паушал од околу 60.000 денари што го трошиме за еден ден, зошто се прават од 300 до 400 анализи“, ни изјави директорот на „Авицена“, Магдалена Кулева.
Од Фондот, пак, велат дека досега ниедна од лабораториите не ги информирала за проблемот околу склучување договори и за специјалистичките анализи. „Единствен проблем е што пациентите не се информирани дека за поспецифичните анализи треба да се упатат до специјалист што ќе им даде упат, а потоа пациентот да избере лабораторија“, додаваат во Фондот. |