Брoj 2711  сабота, 14 јуни 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Време
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Забава

СТИЛ

Македонски ноти во Менхетен

Васко Дуковски и Исмаил Лумановски се први Македонци кои дипломирале на академијата „Џулијард“

Специјално за „Утрински весник“ од Њујорк
Марија Кука

Кога пред десетина дена Васко Дуковски и Исмаил Лумановски дипломираа на престижната музичка академија „Џулијард“, отсек кларинет, во Њујорк, тоа не беше само нивни успех. Тоа беше успех и за нивната земја Македонија. Имено, Васко и Исмаил се први дипломци од Македонија во стогодишната традиција на „Џулијард“, светски позната и престижна академија, сон на многу млади уметници од цел свет.

Васко Дуковски и Исмаил Лумановски своето музичко образование го започнаа во Македонија, а нивната американска приказна стартуваше во Мичиген, поточно на Академијата на уметности „Интерлокен“.

„Пред шест години дојдовме во Мичиген во летниот музички камп ’Интерлокен‘ и не ни сонувавме дека понатамошното школување ќе го продолжиме во САД“, вели Васко Дуковски, роден охриѓанец. Исмаил, пак, кој родум е од Битола, вели дека додека биле во летниот камп „Интерлокен“, аплицирале за нивната музичка академија и биле примени со целосни стипендии за продолжување на школувањето во САД. „Првата година беше и тешка и смешна“, вели низ смеа Исмаил. „Познавањето на англискиот не ни беше на некое ниво, но соучениците беа крајно толерантни и имаше ситуации кога речениците ни беа македонско-англиски, на пример ’Ај нид клуч‘. Но, слатко се смеевме на тоа, немаше злобни коментари“.

По матурирањето на Академијата на уметности „Интерлокен“, Васко и Исмаил решиле да го продолжат американскиот сон и да дојдат во Њујорк. За нив не било проблем да се запишат на отсекот за кларинет на „Џулијард“, во класата на еден од најпрестижните класични музичари и мајстор на кларинетот, проф. Чарлс Нидич.

„’Џулијард‘ им го овозможува на студентите навистина тоа што им треба. Настава со врвни професори, контакти со врвни уметници, соработка со други музички школи. Со еден збор, стапувате директно на њујоршката музичка сцена, а со тоа и на светската и станувате дел од неа“, вели Васко Дуковски.

Некаде во тоа време во американската приказна на Васко и Исмаил влетува и Николас Чичко - Ник, композитор, кој неодамна магистрира на „Џулијард“.

„Во ’Интерлокен‘ ги запознав моите другари од Македонија: Гоце Михајловски, кој свири кларинет, виолинистот Филип Лазовски и Иванчо Талевски - ликовен уметник. А со просторите на Источна Европа сум поврзан и генетички“, вели Ник, објаснувајќи дека по баба е Србин (баба му Зорка Кривокуча има 94 години, а Ник нашега вели дека посакува да е долговечен на српската страна), дедо му е Унгарец, а мајка му по потекло е од Полска.

„Добро разбирам и српски и македонски. Сум бил во Македонија веќе четири пати и следната година повторно ќе одам“, вели Ник.

Ник е вистински вљубеник во македонскиот фолклор, па така според делото „Македонска крвава свадба“ компонирал композиција во духот на македонскиот фолклор.

„’Македонска свадба‘ е секстет за гудачки квартет и два кларинета. Со ова дело Васко и Исмаил веќе настапија пред американската публика која едноставно беше одушевена и од делото, пред се', поради звуците што потсетуваат на македонски фолклор, а и од изведбата на Васко и Исмаил“, објаснува Николас Чичко.

Васко и Исмаил веќе членуваат во неколку професионални ансамбли. Васко е член на два ансамбла за современа музика: „Аргенто“ и „Фјучр ин реверс - Ф.И.Р. Е“, како и на „Трио космополитен“ и „Најтс чембер оркестра“, со кои настапува на њујоршката сцена, но и на сцените во САД и во Европа.

Исмаил, пак, неодамна доби можност да го изведе „Картер кларинет концерто“ со еден од најпознатите и најценети диригенти во светот Пјер Буле во Њујорк. Овој концерт беше придружуван од два меѓународно познати современи ансамбла: „Њу Џулијард ансамбл“ и „Луцерн академи фестивал“. По спектакуларниот настап во Њујорк, Исмаил беше поканет во Швајцарија да го изведе концертот повторно ова лето.

Но, покрај тоа што е познат по изведба на класични дела, Исмаил Лумановски е и еден од најпознатите и најуспешни негувачи на македонската фолклорна музика. „Летово сум поканет да настапувам во Торино на Ворлд мјузик фестивал, каде што ќе ја промовирам нашата фолклорна музика“, објаснува Исмаил.

И додека веќе се докажани пред американската публика, македонската публика немала досега многу можност да ги запознае Васко Дуковски и Исмаил Лумановски.

„Знаете, убаво е да се настапува на светските сцени и пред публика во светските метрополи, но, сепак, наша голема желба е да се претставиме пред македонската публика…“, вели Васко Дуковски.

„Во Македонија има многу млади талентирани уметници кои студираат на престижни школи низ целиот свет. Треба да се угледаме на други мали држави, како што се Исланд, Ирска, Израел. Тие се гордеат со својата талентирана младина која се школува во САД и се трудат да направат се' што е можно за да им помогнат и да ги промовираат…“, вели Дуковски.

И Васко и Исмаил потенцираат дека студирањето надвор од земјата, во овој случај во САД, не е само заради некаков престиж туку, пред се', студирањето во САД е можност да се запознае врвен школски систем, можност да се соработува со луѓе кои се најдобри во професијата. „Кога живеете во Њујорк, најголемата придобивка е што секако први ќе го слушнете најновото. Њујорк е град на креативци, град од каде што произлегуваат сите најнови трендови, но она што го краси Њујорк, секако, е и неговата отвореност. Имате можност да видете и запознаете, да искусите се' што е најдобро. Цел свет доаѓа тука…“, објаснува Васко Дуковски.

„За уметниците е важно тоа што во Њујорк имаат непресушен извор на инспирација. Њујорк и случувањата во него инспирираат. Во еден ден можете да присуствувате на разговор со актерките Мерил Стрип или Дебра Вингер или, пак, да одите да погледнете врвен мјузикл на Бродвеј…“, се надоврзува Исмаил Лумановски.

И, секако, и покрај сета убавина и инспиративноста на Њујорк, на Васко и на Исмаил им недостасуваат и многу работи од Македонија. И ова лето ќе го поминат во своите родни градови…

„Семејството е тоа што најмногу ми недостасува во Њујорк“, вели Васко, „но, ми недостасуваат и Охридското Езеро и убавината на Охрид, а секако дека многу пати во Њујорк помислувам и на македонските специјалитети, иако успеав некако да најдам ајвар и во Њујорк“, вели низ смеа Дуковски.

На Исмаил, пак, многу му недостасуваат шмекот на Широк сокак и Пелистер.

А кога беше спомнат Пелистер, во македонската приказна повторно се приклучи Американецот Николас. „Се искачив на Пелистер“, вели Ник, а на прашањето дали му ��едостасува Македонија, Ник вели: „Не сакам да звучи како фраза, но навистина ми недостасува македонската гостопримливост. Моите македонски другари ми го изменија погледот на светот. Имате поинаква филозофија за животот од луѓето на Запад. Умеете да преживеете во секакви услови и парите за вас не се се' во животот. Умеете да цените и почитувате многу други работи. Човечноста пред се'...“

Васко Дуковски и Исмаил Лумановски ја продолжуваат својата американска приказна и идната учебна година. Овој пат како постдипломци на „Џулијард“, а веќе и настапите им се закажани. Американската публика ќе ужива слушајќи ги, а се надеваме дека во скоро време таа можност ќе ја има и публиката во Македонија.


Статијата е прочитана 350 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Забава
Голем е атерот на татко ми Пеце
И жените ја сакаат најдобрата споредна работа на светот
„СИНТЕЗИС“ - Со „Идентитет“ во зачувување на македонската традиција
Теренецот „пежо 4007“ во Македонија, Каролина доби „308“
ВИП
Гренланд сака да „јава“ самостојно
Нирнберг - Град колку Скопје со триесет пати поголем буџет