„СИНТЕЗИС“ - Со „Идентитет“ во зачувување на македонската традиција
Новиот албум на групата „Синтезис“ - „Идентитет“ во петокот вечерта ја доживеа својата официјална промоција пред голем круг пријатели, колеги и обожаватели, кои се собраа во хотелот „Александар палас“. Албумот доаѓа по четиригодишна пауза и едногодишно истражување по архивите на македонското културно богатство, за што доволен податок е и тоа што на него се наоѓаат и композиции стари и по сто години.
„Во време кога македонската нација и македонскиот идентитет сериозно се оспорувани и доживуваат сериозни удари, можеби најтешки во модерната историја, ’Синтезис‘ реши со новиот албум да продолжи да го прави она што го прави во последните дванаесет години: да биде чувар на македонската традиција и нејзин најголем пропагатор во светот“, истакна Владимир Мандичевски-Манде, менаџер на групата.
На албумот се наоѓаат десет композиции, од кои седум се изворни, а три се авторски. Излегува под капата на „Интермедија“, а снимањето е реализирано во студиото М2 на МТВ (снимањето, миксот и мастерингот се на Ангел Ќосев), како продуцент се јавува „Синтезис“ заедно со Ангел Ќосев, дизајнот го изработи „Баги комуникации“, а фотографијата е на Владо Георгиев. Специјален гостин на албумот е Драган Трајковски на контрабас.
На промоцијата во „Палас“, членовите на „Синтезис“ во живо отсвиреа и две композиции од новиот албум, а за 30 јуни најавија и голем бесплатен концерт на скопската тврдина Кале во рамките на манифестацијата „Скопско лето“. По концертот во Скопје, ќе следува и промотивна турнеја низ градовите во земјава, а за следната година се најавува и промоција во светот. |