СТИЛ
Гренланд сака да „јава“ самостојно
Под дебелиот слој мраз на Гренланд се најголемите резерви на нафта и природен гас на светот
Трајка Д. Анчевска
Светската географска карта се' уште не го добила својот конечен изглед. Покрај Косово, кое неодамна ја прогласи својата независност одвојувајќи се од Србија, уште една територија, овој пат составен дел на Данска, е во подготовки да го стори истото. Пред неколку дена данскиот премиер Андерс Фог Расмусен, за време на своето обраќање при посетата на Гренланд, ги обелодени правците кои треба да ја одведат оваа данска територија кон потполна независност. Специјален комитет составен од политичари од Данска и од Гренланд изготвија план во кој посебно место заземаат предвидувањата на фазите според кои ќе се зголемуваат, односно намалуваат субвенциите од Копенхаген, во зависност од тоа како островот ќе го зголемува искористувањето на своите богати резерви на минерали и на нафта. Според Ларс-Емил Јохансен, еден од гренландските политичари кои учествуваа во работата на овој комитет, „планот е одлична платформа која може да му донесе независност на Гренланд”.
Гренланѓаните се далеку од создавањето на својата национална химна, но првиот чекор на данските политичари го скрши мразот на долгиот пат кон потполна независност. Всушност, мразот и она што се крие под него ја прави оваа огромна територија од два милиона квадратни километри на која живеат околу 57.000 жители, толку интересна.
Овој најголем остров на светот сместен североисточно од Канада на само 740 км од Северниот Пол, е дел од територијата на Данска од 1721 година. Од 1979 година Гренланд има своја автономија, парламент со 31 пратеник и знаме со своја симболика - сонце, фјордови и санта мраз. И покрај огромната територија, 85 отсто од неа се покриени со мраз, па статистички гледано на еден квадратен километар незамрзнат простор, не живее ниту еден „цел“ човек, односно само 0,14 луѓе на квадратен километар. Најголемиот број жители на Гренланд се Ескими (Инуити) и се занимаваат со лов и риболов, рачна работа, преработка на кожа, а многу мал дел од нив работат во малите бродоградилишта и рудници. И покрај 30- годишната автономија, економијата и животот на жителите на Гренланд зависи од помошта од Данска од каде што се увезува речиси се' - од пиво до тоалет хартија. Тогаш, каде ја гледаат независноста локалните политичари? Своите планови тие ги базираат на неколку многу важни точки.
Според Ларс-Емил Јохансен, создадена е одлична платформа која може да му донесе независност на Грендланд
Ако глобалното затоплување создава вистинска климатска „хаварија“ секаде во светот, по се' изгледа, токму во него жителите на Гренланд го гледаат спасот за својата економија. Институтот за истражување на животната околина во Роскилд, Данска, ги анализирал можните последици од топењето на дебелиот слој мраз со кој се покриени четири петтини од територијата на островот и дојдоа до неверојатен заклучок. Топењето на сантите мраз, како што предвидуваат некои научници, на крајот ќе доведат до запирање на поплавувањето на американските градови, што, од друга страна, доволно е силна политичката карта во идните преговори. Но, она што е најважно е дека климатските промени не само што ќе го олеснат и подобрат риболовот туку ќе го олеснат дупчењето и вадењето нафта и гас, чии резерви под дебелиот слој мраз на Гренланд се најголеми на светот, како што предвидуваат во некои геолошки истражувања вршени од страна на САД. На огромните неискористени резерви нафта и природен гас можат да се додадат и богатите резерви на рудно богатство, како на пример цинк, олово, железо, јаглен, молибден, злато, платина и ураниум.
Дали иднината на овие деца (Инуити) е во сопствената држава
Според условите на планот што го изготви Комитетот, Гренланд ќе ги задржи приходите од експлоатацијата на нафтата и рудното богатство, со што субвенциите што ги дава Данска секоја година постепено ќе се намалуваат така како што ќе се зголемуваат нејзините приходите. Се разбира, во играта се вклучени мултинационалните енергетски компании кои треба да инвестираат во експлоатацијата на овие досега неискористени ресурси.
Планот се' уште не е одобрен од данската влада ниту од Гренланѓаните, но досега немало некое поголемо негодување на ваквиот план во Данска, иако земјата со ова би загубила дури 98 отсто од својата територија. Причината за тоа можеби се крие во фактот што Данците го сметаат Гренланд за тежок камен околу вратот поради големите социјални проблеми: големата сиромаштија на рибарските семејства чии води се зафатени од големите рибарски флоти, големиот процент на самоубиства и слично. Но, крајната математика на овој, по се' изгледа, не толку политички план колку економски, е сознанието дека и како независна држава Гренланд ќе има потреба од економска помош од Данска за својот развој, а за возврат на Копенхаген ќе му биде гарантиран добар дел од колачот кога мразот ќе стане потенок. Единствено не се знае дали Гренланѓаните по добивањето на политичката независност повеќе ќе се свртат кон Европа или кон САД. |