СТИЛ
Нирнберг - Град колку Скопје со триесет пати поголем буџет
Најголем дел од средствата што се слеваат во буџетот на Нирнберг, кој изнесува 1,5 милијарда евра, се од даноци
Сања Наумовска
Нирнберг - Изградба на трета линија на метрото, што треба да започне неделава, и инвестирање во образованието и во социјалата, се главните предизвици пред градоначалникот на Нирнберг, Улрих Мали, и неговата администрација. Со буџет од 1,5 милијарда евра, градот во кој живеат околу 600.000 жители, исто како и во Скопје, може да си дозволи да инвестира над 50 милиони евра годишно во проширување на метрото, кое засега има само две линии. Целта, како што појаснува Мали, е да се намали бројот на стотиците илјади возила кои секојдневно влегуваат во Нирнберг.
За разлика од Скопје, каде што помалку од еден процент од средствата од даноци ја полнат градската каса, најголемиот дел од парите што се слеваат во буџетот на Нирнберг се од даноци. Особено од данокот што го плаќаат големите фабрики и индустриски капацитети за профитот што го остваруваат во текот на годината. Оваа бројка се движи околу 400 милиони евра. Исто така, од данокот на промет на неподвижен имот градската управа добива околу 150 милиони евра, од персоналниот данок 60 милиони евра, колку што е и приливот во градскиот буџет од федералната влада, а малку над таа сума се слева и од ДДВ.
Градската влада на Нирнберг слободно одлучува како и каде ќе ги употреби парите од буџетот, бидејќи речиси се' е во надлежност на локалната самоуправа. Тоа, пред се', се проекти во областа на патната инфраструктура и јавниот транспорт, образованието, културата, социјалата и друго. „Единствено полицијата и армијата се надвор од нашите недлежности, што практично претставува вистинска децентрализација на власта“, вели Улрих Мали, потенцирајќи дека вистинското пренесување на надлежностите на локално ниво е еден од условите за демократија и развој.
„Добро ми се познати состојбите во Скопје поради добрата соработка со градоначалникот Трифун Костовски и можам да кажам дека тој е сосема во право кога бара измена на законите. Со тоа ќе се овозможи Скопје да има добар буџет со кој ќе се обезбеди вистински развој на градот. Граѓаните ќе имаат подобар живот доколку градската власт успее со солидни финансиски средства да ги реал��зира своите автономни проекти“, вели нирнбершкиот градоначалник и додава: „Им советувам на граѓаните на следните локални избори да се осврнат на понудата на политичките партии што ќе ја третира проблематиката на вистинската децентрализација. За да се обезбеди подобар живот, треба демократија, а без вистинска децентрализација нема демократија“, вели Мали.
Нирнберг, за разлика од Скопје, нема проблеми со хигиената ниту, пак, со улични кучиња. Во овој германски град не постои куче на улица, а сопствениците на домашни миленичиња плаќаат 204 евра годишно, данок поради тоа што милениците ги чуваат во град. Дури и по масовни настани, како што беше „Сината ноќ“ (како нашата „Бела ноќ“) на 31 мај, кога стотици илјади луѓе се слеаја во центарот и останаа тука до раните утрински часови, градот осамна чист. Иако во Скопје, особено во центарот, „Комунална хигиена“ трипати во денот го собира сметот, сепак, градот е валкан. Во Нирнберг тоа не е случај. Сметот се собира неколку пати неделно и буквално се' се рециклира.
Иако животот во Нирнберг изгледа хармонично и лесно, сепак, во секојдневјето луѓето, а со нив и градската управа, се соочуваат со проблеми. Еден од поголемите е социјалната сегрегација, бидејќи во Нирнберг живеат околу 40.000-50.000 сиромашни луѓе. Голем број од нив се имигранти за кои постојат повеќе програми за интеграција. Особено во јужниот дел од градот, каде што живеат најголем број од доселениците, има голем број градски центри во кои младите можат да се информираат за своите шанси за вработување, за образование, каде што можат да добијат повеќе видови помош или, пак, едноставно, да се дружат и да го учат германскиот јазик. На ова во Нирнберг се посветува навистина големо внимание и се инвестираат многу средства.
Важна цел на администрацијата на Нирнберг и определба за идните генерации е изградба на нови училишта, но и реновирање на старите, со цел да се создадат подобри услови за децата. Во германски услови, за стари училишта се сметаат тие што се изградени во шеесеттите години, а за нив годинава Градот Нирнберг ќе одвои околу 150 милиони евра.
Инаку, околу три проценти од градскиот буџет се наменети за настани од културата во текот на годината, што, според градоначалникот, не се многу пари и треба да се зголемат. „Вистинското претставување и натпревар меѓу различните региони овде, во Европа и во светот не е преку добрата инфраструктура во градот или преку слични проекти, туку преку културата, поради што таа е многу важна за нас“, вели Мали. Тој посочува дека во размената со Скопје, во текот на изминатите децении во Нирнберг престојувале многу македонски уметници, а во иднина соработката би требало да се прошири и на размена на млади и на ученици. |