Брoj 2711  сабота, 14 јуни 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Време
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Забава

СТИЛ

Голем е атерот на татко ми Пеце

Весна Атанасовска-Вучиќ - директор на ФНИП „Пеце Атанасовски“

Јасминка Павловска

Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ веќе 34 години е скапоцениот камен на македонскиот културен идентитет, со кој најчесто се сеќаваме да се погордееме со медиумска најава и одјава единствено во првиот викенд по Спасовден, времето на традиционалното одржување на фестивалот. Изминатиот викенд беше уште еден во „колекцијата за национална гордост“, кога 350-400 „аџии“ на македонскиот изворен мелос се слеаја повторно на долненската Рудина, да го оживеат со полн ек звукот на зурлите, гајдите, кавалите, тапаните..., да ги испеат песните кои со векови како аманет на срцето се пренесуваат од генерација на генерација. Учесниците на Долнени, верни, лојални и вљубени во народните песни и инструменти, не може да ги поколеба ни дождот, не им пречи ни сонцето кога ќе пекне на Рудина, не бараат преку леб погача..., повторно ја излеаја својата љубов, и тоа на возраст од седум до 93 години. И повторно ќе го направат тоа, имало - немало пари! Но...

- По секој фестивал во Долнени, веќе 12 години откако сум директор, ми доаѓа во сеќавање еден наслов од интервју со татко ми Пеце Атанасовски во „Нова Македонија“ пред 40 години - „Револт, тага и радост“, вели директорката на фестивалот Весна Атанасовска-Вучиќ. „Тогаш, пред 40 години, кога татко ми замина на фестивал во Англија и се врати со наградата за најдобар гајдаџија на светот, револтот му произлегуваше од тоа што оттука замина без никаква поддршка, тагата зашто таму беше сам, а радоста за успехот, сепак, не беше доволна да ги покрие сите претходни чувства. Откако ќе помине се', ми се чини дека најдобро ги разбирам сите тие чувства на татко ми. Повторно, секоја година. Ние, луѓето од Советот на фестивалот, па и учесниците, не сакаме да бидеме неблагодарни за поддршката што ја добиваме од Министерството за култура (400.000 денари н.з.) и од локалната самоуправа (100.000 денари н.з.). Напротив! Но, тоа е доволно само за одржување на фестивалот во живот, за некаква хибернација, а никако за развој. Сметам дека уште стотина илјади денари буџет би биле доволни за фестивалот да добие некое пристојно ниво, а за проширување на значењето на фестивалот, секако, потребни се поголеми инвестиции.

Иако, декларативно, сите се колнат дека фестивалот во Долнени е нашето живо културно наследство, еталон на нашиот национален идентитет, се чини, како со години да тапка во место. Мислите ли дека ФНИП „Пеце Атанасовски“ треба да се развива и осовременува, иако станува збор за традиција, што секако не подразбира само обична конзервација?

- Да, сите се колнат во Долнени и се фалат, но откако се' ќе заврши. Повторувам, не сакаме да сме неблагодарни за досегашната поддршка, но овој фестивал треба да има перспектива да прерасне во хепенинг. Одамна до Министерството за култура имам поднесено проект за развој и осовременување на ФНИП „Пеце Атанасовски“. Замислата е на Спасовден да се одржи концерт, зашто не смееме да отстапиме од таа традиција - фестивалот природно е поврзан со тој празник. Но, во текот на јули, десетина дена да се случува некаква етноколонија во Долнени, каде што би се одржувале работилници за изработка на носии, народни инструменти, пеење, семинари со етномузиколози. Долнени треба да прерасне во манифестација. Од друга страна, да не зборувам дека ни е потребна и инфраструктурна поддршка. Не би требало фестивалот да се растури само ако заврне дожд (како што се случувало и се случи и годинава) или да заврши во кафеана. Со години постои проектот за изградба на монтажна покриена сцена на Рудина. Но, и тоа стои во место, бидејќи се' уште не се решени некои имотноправни односи. Имено, просторот Рудина и' припаѓа на државата, а е даден на користење на ЗИК „Прилеп“, кој не знам од кога не постои. Во меѓувреме, државата не си го вратила имотот и се вртиме во круг кога сакаме да преземеме иницијатива за облагородување на местото. Сличен е случајот и со Спомен-куќата на Пеце Атанасовски. Таа е адаптирана, но не можеме целосно да се зафатиме за нејзиното одржување. Односно можеме само да ја чистиме, а за поголеми поправки, кои се неопходни (сепак, тоа е куќа стара 200 години) - врзани ни се рацете. Неоспорно е дека Долнени е коренот на нашето национално културно наследство, но треба да се одржува, покрај креативно, и сосема технички. А не се сеќавам кога последен пат дошол некој политичар во Долнени.

Сепак, не велите дека би се откажале од фестивалот?

- Би сакала да разјаснам некои работи. Фестивалот во Долнени воопшто не ми е потребен за некаква лична афирмација или, пак, за профит. Далеку од тоа. ФНИП „Пеце Атанасовски“ е целосно непрофитен фестивал, немаме ни симболични влезници. Она што лично ме мотивира е тоа што е голем атерот на татко ми Пеце, а и на учесниците на фестивалот, кои буквално цела година живеат за него. Таму доаѓаат луѓе длабоко сродени со народниот мелос, најчесто од рурални средини, но има и млади од урбани места, па и од странство. Сите тие доаѓаат зашто искрено се внесени во тоа, секако, ако имаат средства да стигнат до Прилеп (престојот од ден или два им го покрива фестивалот). Тие велат - и да нема никакви пари, на Спасовден ќе си дојдеме во Долнени. Но, тоа не е вистински однос спрема луѓе кои се вистински и искрени одржувачи на националниот идентитет. Нивниот мотив дури не се ни наградите што ги доделуваме на фестивалот и на кои, сепак, се радуваат. Нивниот најискрен мотив е да покажат најдобро што умеат да отпеат и отсвират. Затоа не се откажувам. Годинава би сакала, а верувам дека и ќе успееме, да го направиме фестивалот подостоинствен за нив. Планираме одредена реконструкција во функционирањето на Советот на фестивалот, да креираме веб-страница... Иако тоа не се луѓе кои функционираат преку телефони и Интернет, сепак, веб-страницата е неопходна за странците кои секоја година се се' позаинтересирани. Во краен случај, не се само празни зборови дека Долнени е нашето вистинско живо наследство.

Најстариот учесник - дедо Митко

Дедо Митко од с. Драмче, Делчевско, кој има 93 години, годинава беше најстариот учесник. Облечен во народна носија, во комбинација со темни очила за сонце, дедо Митко во Долнени и во Прилеп беше вистинска атракција, како и неговата умешност и живописност во играњето на орото „Копачка“. Ова оро го играат речиси сите народни ансамбли во Македонија и има 60 години откако е поставена првата кореографија на орото. Сепак, во село Драмче го играат најоригинално, без „модерна“ кореографија, и годинава дедо Митко им го предаде ороводното марамче од „Копачка“ на помладите, секако, со аманет да не биде избришано од времето.


Статијата е прочитана 728 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Забава
И жените ја сакаат најдобрата споредна работа на светот
„СИНТЕЗИС“ - Со „Идентитет“ во зачувување на македонската традиција
Македонски ноти во Менхетен
Теренецот „пежо 4007“ во Македонија, Каролина доби „308“
ВИП
Гренланд сака да „јава“ самостојн��
Нирнберг - Град колку Скопје со триесет пати поголем буџет