Катастрофа на Милан, на Леонардо не му се тресе клупата
Галијани вели дека и покрај поразот од Цирих, кој го израдува Кака, клубот има апсолутна доверба во Бразилецот
Не, Леонардо не е во опасност. Имаме доверба во нашиот тренер и никогаш не сме биле за брзи реакции и промени“, тоа беше одговорот на потпретседателот на Милан, Адријано Галијани, за она што најмногу ги интересираше Италијанците по шокантниот пораз во Лигата на шампиони од Цирих на „Сан Сиро“ 0:1 (Тихинен со атрактивен петта потег во 10. минута).
„Милан е голем клуб и секогаш ќе биде. Имавме многу успеси во последно време, но ете сега работите не одат како што треба. Имаме проблеми, но треба трпение, се бориме да биде подобро“, додаде Галијани.
Милан е во криза на сите полиња, иако, на некој начин го вади победата кај Марсеј во првото коло во групата од ЛШ. Во Серија А загуби со високи 0:4 од Интер, а не може да победи тим како Бари, па затоа заслужено се наоѓа на 11. место.
Завчера со Цирих Милан создаде неколку шанси од кои, пред се, Пато и Замброта можеа да постигнат гол, но тоа е премалку за таков гигант. На поразот на Милан се израдува довчерашната прва негова ѕвезда, сега на Реал М., Кака.
„За нас е многу добро што Милан загуби. Сега не чекаат два натпревара против нив. Многу е битно што ги дочекуваме како први во групата. Против Милан држиме се во свои раце“, изјави Кака, кој беше стрелец на еден гол (од пенал) во победата над Марсеј од 3:0. Останатите два ги постигна феноменалниот Роналдо.
Тешко е да се верува дека во полувреме како она првото во мечот Баерн - Јувентус може да заврши без голови во било која мрежа, но токму тоа се случи и покрај многуте шанси. Одличниот Франк Рибери ја имаше најзрелата, но го немаше она најважното, завршниот допир. Повредата и излегувањето на Робен пред крајот на првиот дел го промени ритамот кај Баварците, но и на целиот натпревар. Затоа во вториот дел видовме, сепак, нешто поразличен фудбал, без ризик со мисла да не се прими гол.
Јувентус е среќен поради бодот, а особено со фактот дека му следат два меча со Макаби Хаифа, од кои бара шест бода. Од друга страна Баерн ќе игра двапати со Бордо, кој покажува дека е сериозен противник. Тренерот Луис ван Гал, за разлика од крајот на натпреварот кога полуде и го нападна судијата поради тоа што овој свирна крај, кога Олиќ тргна во контра (судиите прецизно се држеа до двете минути продолжување), по мечот беше многу поприбран: „Бевме одлични во првиот дел, според мене тоа се нашите најдобри 45 минути сезонава. Среќен сум поради тоа што правиме шанси. Прашање е само на време кога пак ќе почнеме да даваме ��олови. Само да продолжиме вака и ќе нема проблем“, изјави Ван Гал, кој во вториот дел му даде шанса на 30 милиони евра вредната инвестиција од Штутгарт, Марио Гомес (најскап играч во историјата на Баварците).
И покрај ваквите самоуверени изјави на Ван Гал, факт е дека Баерн имаше најлош старт во Бундеслигата во последните 43 години, а и покрај тоа што потоа малку се рехабилитираше се' уште се наоѓа на слабото 7. место.
Резултати
Група А: Баерн - Јувентус 0:0, Бордо - Макаби Хаифа 1:0
Табела:Баерн 4, Бордо 4, Јувентус 2, Макаби Хаифа 0
Група Б: ЦСКА М - Бешикташ 2:1, Манчестер јунајтед - Волфсбург 2:1
Табела:Јунајтед 6, Волфсбург 3, ЦСКА М 3, Бешикташ 0
Група Ц: Милан - Цирих 0:1, Реал Мадрид - Марсеј 3:0
Табела: Реал М 6, Цирих 3, Милан 3, Марсеј 0
Група Д: Апоел - Челзи 0:1, Порто - Атлетико М. 2:0
Табела:Челзи 6, Порто 3, Апоел 1, Атлетико М. 1. |