Против Катар со тројца дебитанти, отпадна Тасевски
Во репрезентацијата првпат Ѓуровски од Војводина, Глигоров од Силекс и Савиќ од Работнички
Сашко Ѓ. Димовски
Македонија ќе му се спротивстави на Катар со тројца дебитанти во пријателскиот фудбалски натпревар на 11 октомври на „Филип Втори“ арената во Скопје во 14 часот. Селекторот на нашата репрезентација, Мирсад Јонуз, вчера објави список со 21 фудбалер за претстојниот предизвик со гостинот од Азија, во него тројца дебитанти и еден повратник. Прв повик за настап во македонскиот национален тим добија играчите за врска на Војводина, Марио Ѓуровски и на Силекс, Глигор Глигоров и напаѓачот на Работнички, Душан Савиќ, а по подолга пауза во селекцијата е вклучен и членот на француски Оксер, Роберт Попов. Со нив четворица Јонуз сака да ја зголеми конкуренција за првиот тим за новиот циклус квалификации за Европското првенство во 2012 година, а репрезентацијата на Катар е одлична можност за воочување на силите, квалитетот и формата на играчите со кои во моментот располага Македонија во домашни, но и во меѓународни рамки. За мечот со Катар изземени се шест фудбалери. Голманот Јане Николоски (АЕП Пафос) ќе пауза три месеци по хируршката интервенција врз неговото десно колено во Белгија, Александар Васоски ќе одмора најмалку еден месец по скршеницата на две ребра во мечот од германскиот куп на неговиот Ајнтрахт против Алеманија Ахен, за октомврискиот тест Јонуз не ги повика ниту напаѓачите Стевица Ристиќ (Поханг Стилерс) и Горан Мазнов (Том Томск), јужнокорејски Улсан Хјундаи не го пушти Славчо Георгиевски, а од комбинација отпадна и Дарко Тасевски од Левски Софија.
„Натпреварот со Катар е уште една одлична можност за проверка на кандидатите за националната селекција, да видиме во каква форма се наоѓаат. И не само нивните индивидуални квалитети туку и капацитетот на колективот. Сакаме да дадеме можност и на одредени играчи кои несомнено имаат потенцијал и да се запознаеме со нивните можности заедно со стандардните репрезентативци. Затоа за првпат се повикани Марио Ѓуровски, Глигор Глигоров и Душан Савиќ, а во тимот се враќа и Роберт Попов. Со поканите за Глигоров и Савиќ сакам да дадам до знаење дека сметам и на играчите од домашното првенство. Секој што ќе успее да се наметне во нашите клубови може да биде дел и од репрезентативниот состав“, изјави селекторот Јонуз по обелоденувањето на списокот играчи на чии услуги смета за мечот со Катар.
„Системот и начинот на игра нема да го менуваме. Пред нас е одлична прилика за елиминирање на слабостите кои излегоа на површина во изминатиот период и демонстрација на желба за игра, надигрување и победнички дух“, дополни Јонуз.
Собирот на репрезентативците е закажан за шести октомври во охридскиот хотел „Инекс Горица“.
Список на играчи на репрезентацијата на Македонија за пријателскиот меч со Катар на 11 октомври во Скопје
Голмани: Томе Пачовски (Жерминал, Белгија); Един Нурединовски (Етникос Ахна, Кипар);
Одбрана: Гоце Седлоски (Матерсбург, Австрија); Игор Митрески (Енерџи Котбус, Германија); Владе Лазаревски (Карпати Лвов, Украина); Николче Новески (Мајнц 05, Германија); Бобан Грнчаров (АПОЕЛ, Кипар); Даниел Мојсов (Македонија Ѓорче Петров, Македонија);
Среден ред: Арменд Алими (Истра Пула, Хрватска); Величе Шумуликоски (Престон, Англија); Филип Деспотовски (Ворксла, Украина); Горан Попов (Херенвен, Холандија); Марио Ѓуровски (Војводина, Србија); Роберт Попов (Оксер, Франција); Глигор Глигоров (Силекс, Македонија);
Напад: Горан Пандев (Лацио, Италија); Илчо Наумоски (Матерсбург, Австрија); Ацо Стојков (Арау, Швајцарија); Филип Ивановски (Полонија, Полска); Бесарт Ибраими (Ренова, Македонија); Душан Савиќ (Работнички, Македонија). |