Ватерполистите на Работнички бројат ситно до Евролигата
Засилен со петмина странци, ватерполо клубот Работнички в недела заминува за Србија, каде што во Обреновац ќе ги спроведе завршните подготовки за настапот во Евролигата наредниот викенд. Врзиќ, Маниќ и Каназир од белградски Студент, центарот Џигурски од Бечеј и словенечкиот репрезентативец Антониевиќ, играч на италијанска Болоња, треба да им помогнат на 11. домашни ватерполисти во искушението што ги очекува во Берлин.
За главниот град на Германија се патува на 6 октомври, а два дена подоцна од 20 ч. е стартниот дуел со домаќинот Шпандау 04. Наредниот ден Работнички е слободен, а ден подоцна прво од 10,30 ч. го очекува можеби најважниот натпревар со словенечкиот претставник Рокава од Копер, за во попладневниот термин да се сретне и со еден од фаворитите Бреша од Италија. Последниот меч е против Орадеа.
На контролните средби во Обреновац со локални екипи тренерот Стеван Нонковиќ треба да селектира 15 ватерполисти што ќе настапат во Берлин. Единствениот што ќе отпадне ќе се бара меѓу голманите Јаневски и Недановски, бековите Стојчев, Димовски и Белев, центрите Арсовски и Лошковски и меѓу играчите од надворешната позиција Милановиќ, Пулејковски, Синадиновски и Манасков. (Р.Д.) |