Вардар про утре домаќин на Колдинг на стартот од шестото учество во главната фаза во Лигата на шампионите
Сашко Ѓ. Димовски
Чешајќи ја славната брада со добитен тикет од една од скопските обложувалници, Веселин Вујовиќ, вчера им се придружи на новинарите на клупската прес-конференција по повод утрешниот меч на Вардар про со дански Колдинг (сала „Борис Трајковски“, 18,30 часот) во шестото учество на „црвено-црните“ во главната фаза во Лигата на шампионите (ЛШ). Од приложениот тикет можеше да се забележи дека Вујовиќ е одличен прогнозер. За уплата од 50 денари во средата тој заработи 34.000 денари погодувајќи пет натпревари во рамки на фудбалската Лига на шампионите на УЕФА. Четири од нив беа типувани со полувреме-крај (х-1/Реал Мадрид - Олимпик Марсеј, Манчестер Јунајтед - Волфсбург, Порто - Атлетико Мадрид и Бордо - Макаби Хаифа, петтиот меч на тикетот на Вујовиќ беше Баерн (М) - Јувентус со конечен тип Х).
Воведот во она за што и бевме собрани во СРЦ „Кале“ вчера како по обичај му припадна на спонзорот на тимот, Михајло Михајловски.
„Бевте скептични кога велев дека Вардар про оваа сезона има посилен тим од лани. Ве уверивме во подготвителниот период во кој освоивме два силни турнира, во уверивме во претквалификациите за Лигата на шампионите против Бешикташ, Будуќност и Динамо Минск, ќе продолжиме да го правиме тоа и во претстојните дуели во главната групна фаза во Лигата на шампионите“, рече Михајловски на Вујовиќ во шега реплицира:
„Кога Михајло вели дека Вардар про оваа сезона е посилен од лани се надевам дека не мисли на тоа што ќе ме нема мене на клупата во мечевите во Лигата на шампионите до крајот на оваа календарска година“.
Во нималку лесната група Д вардарци за противници имаат два европски гиганта, Барселона и Кил, незгодниот Адемар Леон, швајцарска Амичитија (екипа која лани го елиминира Металург во четвртфиналето во КПК) и Колдинг, првакот на европскиот шампион, Данска. Во таква конкуренција раководството на клубот, стручниот штаб и играчите влегуваат со амбиција да го освојат четвртото место кое води во топ 16 фазата. Меѓутоа гледано според квалитетот со кои располагаат екипите, буџетите, традицијата, искуството, Вујовиќ, па донекаде и Михајловски, порачуваат дека и петто место нема да се смета за неуспех ако притоа се прикажат добри партии и не се дозволи понижување на паркетот во 10 шампионски меча на „црвено-црните“.
Против Колдинг, утре попладне, сигурно нема да настапи репрезентативецот, Раде Стојановиќ, кој се' уште е недоволно залечен по повредата на коленото. Бранислав Ангеловски се жали на болки во бутниот мускул. Деновиве тој тренира со намален интензитет, но Вујовиќ се надева дека Вардар про ќе може да смета на услугите на Ангеловски во средбата со данскиот претставник во ЛШ. Вујовиќ и претседателот Михајловски воедно изразија благодарност до управата на В.В. Тиквеш што најде разбирање и им го позајми десното крило, Милан Левов, за настапите на вардарци во ЛШ.
За мечот со Колдинг, утре попладне, управата на Вардар про пушти во продажба 2.500 влезници по симболична цена од 100 денари.