Албански државјани исчезнале во Македонија, па безбедно стигнале дома

Албанските илегалци по неколкучасовно талкање по Шара го нашле патот за Кукс
Тројца албански државјани исчезнале во вторникот вечерта, враќајќи се од Македонија. По неколкучасовно талкање по Шара, тие успеале да го најдат патот и безбедно да стигнат до градот Кукс, објави вчера тиранскиот Интернет-портал „Балкан-веб“. Во македонското МВР велат дека не се запознаени со случајот, иако во потрагата на илегалците учествувала полицијата во Кукс, која, според албанските гласила, побарала помош и од македонската страна.
Драмата на браќата Лавдерим и Вилсон Аларај и Фламур Короваку од пограничното албанско село Топојани, започнала во вторникот кога од Гостивар тргнале на пат кон Албанија, при што се изгубиле во месноста Радиче на македонска територија, објави албанската телевизиска станица Топ-ченел. Според информациите, тие се изгубиле кога паднала ноќта, по што едниот од нив пратил СМС-порака преку мобилниот телефон на своите блиски, во која им напишал дека се изгубиле во планината, апелирајќи за помош. Набргу била информирана и полицијата во Кукс, која се впуштила во потрага.
„Балкан-веб“ вчера објави дека изгубените Албанци по неколкучасовно талкање, успеале да го пронајдат патот и безбедно да се симнат од планината во градот Кукс, а потоа и до своите домови во Топојани.
Официјални информации за нивниот престој во Македонија нема, бидејќи тие, веројатно, илегално влегле во земјава и по неколкумесечно работење на „црно“ во Полошкиот регион, сакале да се вратат дома по истиот пат по кој и дошле. (Г.А.) |