Спектакуларно отворање на јубилејните „Струшки вечери на поезијата“
Годинава прв пат во историјата на Фестивалот ќе биде забележан рекорден број поети-учесници од 67 земји
Невена Поповска
Од 24 до 29 август во Струга ќе се одржи јубилејното издание на најголемата и најмасовна културна манифестација во земјава, „Струшки вечери на поезијата“.
Како што информираше директорот на манифестацијата, Данило Коцевски, на вчерашната средба со новинарите, „годинава прв пат во историјата на Фестивалот ќе биде забележан рекорден број од 67 земји-учеснички“. Според него, на годинашното издание на манифестацијата ќе учествуваат 150 поети од странство и 100 поети од земјава.
Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, осврнувајќи се на значењето и на реномето што ја има оваа манифестација во светските литературни кругови, го најави присуството на директорката на УНЕСКО, Ирина Бокова, на годинешното издание на манифестацијата и, притоа, истакна дека токму УНЕСКО е покровител на годинашниот фестивал, а во соработка со „Струшки вечери на поезијата“ и годинава ќе ја доделат награда за најдобра дебитантска книга. „Поддршката што ја добиваме од УНЕСКО, подвлече Канческа-Милевска, потврдува дека изданието на оваа манифестација е датум со глобално значење, кој имаме обврска да го споделиме со целата светска културна јавност“.
Свеченото отворање ќе се случи на Мостот на поезијата во центарот на Струга, кој од неодамна како таков е означен со табла, како и Домот на културата, а најавено и свечено отворање на Спомен-домот на браќата Миладиновци. На отворањето, песната „Т’га за југ“ ќе ја изведе тенорот Благој Нацовски, со музика која е дело на проф. Димитрие Бужаровски, а ќе биде изведена и композицијата „На Струга дуќан да имам“. Во рамките на свеченото отворање, покрај Матеја Матевски, со своја поезија ќе се претстават досегашните лауреати на наградата „Златен венец“: Хорхе Хусто Падрон од Шпанија, Љубомир Левчев од Бугарија, Фатос Арапи од Албанија, Нанси Морехон од Куба, Васко Граса Мура од Португалија и Ференц Јухас од Унгарија, кои ќе допатуваат во Струга, а поезија од: Пабло Неруда, Јосиф Бродски, Шејмас Хини и Еуџенио Монтале - четворица лауреати на „Златен венец“, кои се наедно и добитници и на Нобеловата награда за литература, ќе интерпретираат актери.
Новина е и тоа дека годинава добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ ќе биде соопштен во текот на фестивалот на посебна прес-конференција, а што се однесува до издавачката програма, организаторите претставија луксузна монографија посветена на „Струшки вечери на поезијата“, специјално издание посветено на лауреатот Матеја Матевски, книги од досегашните добитници на наградата „Браќа Миладиновци“, како и француско издание под наслов „Златна книга за Струга“, посветено на фестивалот и кое ќе биде промовирано во Струга.
Нагласувајќи дека во последниве години „Струшки вечери на поезијата“ добиваат нов замав, директорот Коцевски подвлече дека „особено се посветува внимание на младите творци што внесуваат нов тренд со поетски перформанси и поетско-музички настапи и интерпретации на поезијата“. Така, годинава на „Ноќ без интерпункција“ ќе се презентира хаику-поезија, а најавен е и настап на Владимир Четкар, групата „Монистра“, Каролина, браќата Тавитјан и други.
Одржувањето на „Струшки вечери на поезијата“ годинава се совпаѓа и со јубилејните 150 години од објавувањето на Зборникот на народни умотворби и по тој повод, истакна претседателот на Управниот одбор на манифестацијата, Славе Ѓорго Димоски, информираше дека свеченото отворање на фестивалот ќе биде промовирана реновираната Спомен-куќа на браќата Миладиновци во Струга, во која ќе биде поставена изложба за досегашните лауреати на СВП, поставка за струшките преродбеници и 50 квадрати оригинални мозаици од ранохристијанска базилика од струшкото село Октиси.
Портретот на добитникот на „Златен венец“ традиционално ќе се одржи во црквата „Св. Софија“ во Охрид, каде што во музичкиот дел од програмата ќе настапи баритонот Борис Трајанов, а од останатите содржини беа споменати: промоција на фестивалските изданија, симпозиумот на тема „Може ли убавината да го спаси светот“, излет во комплексот „Св. Наум“ и поетскиот митинг „Мостови“ за затворање на фестивалот, кога ќе му биде врачен „Златен венец“ на академик Матевски. На 29 август поетите ќе патуваат низ Македонија, а на 30 август јубилејните 50. „Струшки вечери на поезијата“ ќе завршат во Скопје со поетско матине на Матка и со средба на поетите во Сули-ан.
Поетот Петре Бакевски му посвети песна на годинашниот лауреат на „Златниот венец“
ВО ШУМАТА НА НЕБЕСНИТЕ ТРОПИ
Во чест на поетот Матеја Матевски
Одамна сме заскитани во таинствената шума на небесните
тропи. Вековите како густеж од букнати круни ги менуваат
годишните времиња на траењето. Шумолот на неизвесноста
со таинствена вражба е пренесен во неодгатнатите предели
на срцето. Таму засекогаш се зајазлиле грмушките на сомнежот
и сушните лета утаено пришламчени зад сувите и исцедени
облаци на таинствените громови. И птиците се преселени
таму и се повеќе пр��ку стрепетен лет со искршени крилја
мамливо ни ги враќаат потонатите мориња на рамнодушноста.
Тука сме, сеќавам сам, самотно, како заплискан остров
со лути бранови, а сепак вжештени зборови ме нежнат,
како кичер од прнар, како жива сенка што ги разветрува
ветровите на надежта. Од петни жили куражат со подигнато
жезло над виулиците, ги крепат корените на небиднината
и ја скротуваат огнената сила на грмотевиците во обидот
осито се да спалат... Како златен штит се од неволиците
на боговите... Ах, нашите жулави богови! Боже, боже...
Без лузна се во сончевите пејзажи што ја слават смислата
на 'ртењето и никнувањето. Светот еднаш беше тргнал
од некаде... И песокливи записи се и ѕвездени пергаменти
на историјата исткајана на разбојот на болката. И кавалот
се напојува од гргорот на душата и огнот се потпалува
од кременот на бакнежот и митовите живеат во грохотот
на вербата, дофатени се големите океански тишини
на трпението, песната ни е и проста и строга, златоустен
завет е тоа, свилее во душата, точно како што птиците
го разнесуваат вселенскиот прав на светлината! Така е
од зачетието, во таа голема шума на судбината сме,
и човекот и песната, како превртената смисла
на осветлените зборови наши... Небесните тропи
во грвалица се, во недоброј се, во недоброј...
Нема скончание... Нема... И во офтикава немошница,
пепелави и премалени, пак нема, нема...
Еј, ехееј кроцеливи луѓе, песната гргори, гргори!..
Петре Бакевски |