Независна театарска сцена во Универзална сала
Со претставата „Отпушоци“, работена според романот „Последната нова година“ од Николо Аманити, во режија на Игор Ивковиќ, Театар 007, почна новата сезона на Независната театарска сцена во Универзална сала.
Театар 007, кој ја предводи Независната театарска сцена, соопшти дека таа има цел да се спротивстави на „клишираните” театарски форми и естетики од професионалните театри во Македонија. „Овој проект воедно ќе наметне еден нов бран на театарско изразување, свежина во репертоарот на театарот во земјава. Македонија е една од ретките земји во која не функционира независната театарска продукција. Единствен пример засега е Малиот битолски театар на Благој Стефановски. Пред неколку години во Скопје имаше обид за функционирање на алтернативен театар со проектот Градски театар во МКЦ, кој за жал згасна од неразјаснети причини, иако тоа беше проект кој функционираше и беше прифатлив за скопската публика“, вели режисерот Игор Ивковиќ.
Покрај Театар 007, на Независната театарска сцена во Универзална сала ќе работат и Војо Цветановски, првиот дипломиран пантомимичар во Македонија, режисерот Ристе Алексовски и други млади автори, кои го почитуваат и негуваат вонинституционалниот театарски израз. Во моментов на репертоарот се претставите „Ќелавата пејачка“ од Ежен Јонеско, „Игра“ работена според култните раскази на Данил Хармс, а за следниот месец Театар 007 најавува премиери на куклената претстава „Сината птица“ на Морис Метерлник и „Магија еделвајс“ според текстот „Балканот не е мртов“ и „М.М.Е. кој прв почна“ од Дејан Дуковски. (Н.П.) |