Перформанс во Музеј на Град Скопје
Во Музејот на Град Скопје, вечерва со почеток во 19 часот ќе се одржи „Т.И.М.Е. В.Р.Е.М.Е.“- Современ танцов и Музички перформанс (работа во процес).
Германскиот музичар Фело и пет македонски изведувачи соработуваат и од 1 до 6 октомври развиваат работа во процес на темата „В.Р.Е.М.Е.“. Оваа работа во процес- перформанс, е соработка која ги проширува границите во кои дејствуваат уметничките дисциплини- современ танц и дигитална музика и работи на спојување на спецификите кои овие дисциплини ги содржат. Спојувањето на различните специфичности во овој перформанс развиен во соработка помеѓу македонските изведувачи/танчери и германскиот музичар, е уметничка и инспиративна интеркултурална размена.
Перформансот е работен на темата В.Р.Е.М.Е. и е сместен во зградата на Музејот на Град Скопје кој во себе ја содржи архивата на националното сеќавање и е симбол на минатото. Овој простор содржи разнолики врски со времето како архива и како меморијал, а современата комбинација од танц и музика ќе интервенира и презентира свое видување на темата. Музичко-танцовата – работа во процес-перформанс е развиен во соработка меѓу НВО Локомотива и НВО Контрапункт. (Н.П.) |