Беше дрскост да се одигра „Хамлет“ во Колчестер
Стартната позиција „Да се биде или да се биде“ била одлично примена, бидејќи „Хамлет“ на Драмски е решен да дејствува, да го менува светот
Сунчица Уневска
„Зошто гостувањето на Драмски театар со претставата ’Хамлет‘ во Колчестер, Велика Британија е толку раритетно?“, рече директорот на Драмски театар Бранко Ѓорчев. „Нашите театри гостувале често во странство, сме добивале и награди, а факт е дека секое гостување е промоција на својата земја. Но, она што ова гостување го прави поинакво е што Драмски театар овој пат со ’Хамлет‘ се врати дома, се врати во земјата на Шекспир и на Хамлет, земјата од каде што потекнува и успеа да добие неверојатни овации и извици браво од тамошната многу реална и пробирлива публика“, објаснува Ѓорчев, додавајќи дека со оваа претстава се занимаваа релевантни театарски критичари и за првпат се појавија критики за наш театар во толку еминентни списанија.
Она што е особено интересно е дека ова гостување беше прво на македонски театар во Велика Британија. Дека возбудата била голема пред гостувањет�� во реномираниот театар „Меркјури“ во Колчестер, кое се одвиваше од 29 септември до 2 октомври, за време на кое оваа три и полчасовна претстава беше изведена четири пати, потврди и режисерот Дејан Пројковски. „Да се игра Хамлет во матичната земја и тоа пред британската публика за која е познато дека ја наградува претставата толку колку што вреди, беше навистина голем предизвик“, изјави Пројковски. Затоа задоволството било големо по првата претстава, а особено што одлично поминале и другите три. Како што објасни Пројковски, втората претстава била официјална, а на неа биле присутни претставниците на политичкиот и културен живот во Колчестер, како и британската театарска елита. На втората претстава бил присутен и нашиот познат драматург Горан Стефановски, а голема била заложбата и на директорката на Меркјури театарот, како и на нашата амбасадорка во Велика Британија, Марија Ефремова.
Критики за претставата се појавиле веднаш по првата изведба и тоа во доста релевантни списанија, меѓу кои и во „Гардијан“. Она што ги прави најзадоволни е, всушност, потврдата за извонредната игра на целата актерска екипа. Како што пренесе Пројковски, актерскиот ансамбл од театарот Колчестер им дал честитка со која и се заблагодарил на нашата актерска екипа, искажувајќи одушевеност од нејзината игра. Карактеристично и особено важно е што во критиките била направен анализа посебно на секој сегмент од претставата, како и за секој актер посебно.
„ За нас беше многу важно да се провериме на меѓународната сцена, колку тој современ јазик што го негуваме е важен и навистина современ. Стартната позиција на претставата ’Да се биде или да се биде‘ беше одлично примена, за што се зборуваше дека првпат Хамлет е решен да дејствува, да го менува светот, а не само да филозофира“, зборуваше Пројковски. Тој додаде дека по ова гостување веќе добиле повеќе покани и тие се надеваат дека претставата ќе живее и надвор и дома.
Всушност, се покажало дела нашиот страв е непотребен и дека е резултат на нашите предрасуди, бидејќи тоа е една отворена и развиена театарска средина, која е подготвена отворено да погледне и да ги декодира театарските знаци. Актерите, Дејан Лилиќ, кој го игра Хамлет, потоа Катерина Ковецска, Драган Спасов и Лазе Манасков зборуваа дека за нив тоа не само што било предизвик, туку помалку и дрскост да се настапи во овој театар со Хамлет, но дека по првичниот прием тремата исчезнала. Како што изјавил и Горан Стефановски, навистина е тешко да се стигне таму, а освен тоа, и во таа поплава на настани да се направи вистински театарски настан. Како и да е, Драмски успеа да се наметне и да ја покаже својата професионалност, која беше високо оценета. Во Колчестер во тоа време играле и театри од Лондон и Шефилд, така што гостувањето на Драмски било нарекувано како трет „Хамлет“, што според одгласите очигледно успеавме и да го оправдаме. |