Дали Нобеловата награда за литература ќе ја добие поет?
Невена Поповска
Комитетот за доделување на Нобеловата награда за литература, конечно, одлучи. Во четврток на 7 октомври кога Франкфуртскиот саем ќе ја достигне својата кулминација, во Стокхолм ќе биде објавено името на годинешниот лауреат на Нобеловата награда за литература. Иако неколку недели наназад беше познат терминот кога ќе бидат објавени добитниците на престижната награда за физика, хемија или за мир, Комитетот го држеше во тајност датумот за објавување на лауреатот за литература речиси до последен момент. Но, одлуката падна, и токму во време кога ќе трае најголемиот светски Саем на книга во Франкфурт ќе се дознае името на добитникот на Нобеловата награда за литература.
И веќе почнуваат шпекулациите. Странските медиуми големи изгледи им даваат на поетите, бидејќи веќе тринаесет години ниту еден поет не ја добил оваа награда. Меѓу имињата кои се спомнуваат е шведскиот поет Томас Транстромер, но и сирискиот поет Адонис, двајцата добитници на „Златен венец“ на „Струшките вечери на поезијата“, но и на корејскиот Ко Уна, полскиот Адам Загајењски и австралискиот Лес Мури. Некои од овие имиња беа споменувани и во изминатите години, а ова особено се однесува на Загајењски и на Адонис. Владее мислењето дека доделувањето на Нобеловата награда на арапскиот поет сосема сигурно добро би одекнала меѓу интелектуалците и љубителите на книжевноста.
Но, не се сите очи вперени само во поетите. И оваа година меѓу кандидатите се споменува јапонскиот прозаист Мураками, израелскиот прозаист Оз, кој минатата година се сметаше за голем фаворит, како и италијанскиот писател Магрис, а меѓу кандидатите се и голем број американски писатели на кои Нобеловата награда постојано „им бега“, како: Делило, Рот, Остер...
Шпекулациите за нобеловите лауреати на некој начин претставуваат медиумска прашина. Последниве години Нобеловиот комитет често ја изненадуваше јавноста со своите одлуки, така што останува да видиме дали годинава прогнозите ќе бидат успешни. |