Кристијан Вулф положи заклетва
Добар сојузен претседател е ставот на мнозинството Германци
Кратко време пред новиот германски претседател, Кристијан Вулф, да положи заклетва, впечатокот кај мнозинството Германци беше дека добиваат добар сојузен претседател на сметка на избламираната канцеларка Ангела Меркел.
Новоизбраниот германски претседател вчера попладнето положи заклетва на заедничка седница на двата дома на германскиот парламент, Бундестагот и Бундесратот. И покрај целиот метеж што го предизвика неговиот избор, кој дојде дури во третиот круг гласање, Вулф ја има довербата на германските граѓани. Иако пред изборот неговиот противкандидат предложен од опозицијата Јоахим Гаук имаше поголеми симпатии кај народот, анкетите непосредно по изборот покажуваат изненадувачки пресврт. Имено, 58 проценти од Германците сметаат дека Вулф е вистинскиот избор за шеф на државата, а дури 72 процента се изјасниле дека тој ќе биде добар претседател на Германија. Само 35 проценти сметаат дека Гаук би бил подобар претседател.
Ваквите анкети му даваат ветер во крилата на новиот шеф на гер манската држава по трнливиот почеток: „Имаме навистина многу претседатели кои биле избрани во вториот круг, некои дури и во третиот. Можно е некои со тоа да сакале да дадат некаков сигнал. Но, не би сакал да се вклучувам во дебатата за нивните мотиви“, изјави Вулф.
Владејачката коалиција, меѓутоа интензивно трага по оние нејзини претставници што во првите два круга не му го дадоа гласот на Вулф и ги истражува нивните причини за тоа. Демохристијаните и либералите не се единствени ни околу оценката за изборната драма. „Таму многумина се изнервираа, не само госпоѓата Меркел. Тоа не е можниот нов почеток“, истакна Станислав Тилих, премиерот на покраината Саксонија од редовите на Христијанско-демократската унија на канцеларката Меркел. „Тоа истовремено беше ѕвезден момент за демократската култура во нашата земја. Јас не гледам проблем во фактот дека имаше три изборни круга“, истакна од друга страна лидерот на Либералната партија, Гидо Вестервеле.
Граѓаните, меѓутоа, се единствени. Дури 68 проценти сметаат дека изборот на Вулф бил бламажа за канцеларката Меркел, а 62 процента истакнуваат дека владејачката коалицијата меѓу партиите на Унијата и на либералите нема да трае уште долго. (Дојче веле) |