Смртоносни експлозии во светилиште во Лахоре
Молитва за 42 загинати во експлозиите што се случија во популарното светилиште Дата Дарбар
ЛАХОРЕ - Двајца напаѓачи-самоубијци извршија смртоносен напад врз суфи-светилиште во источниот пакистански град Лахоре. Најмалку 42 лица загинаа во експлозиите што се случија во популарното светилиште Дата Дарбар во четвртокот навечер, јавија официјални лица. Најмалку 175 други луѓе се повредени во нападот, за кој се верува дека е прв напад на светилиште во Лахоре.
Во времето кога се случи експлозијата илјадници луѓе беа во посета на светилиштето, јавија официјални извори. Таму се наоѓаат останките од персискиот суфи-светец Абул Хасан Али Хаџвери. Светилиштето е посетено од стотици илјади луѓе секоја година и од сунитите и од шиитите кои ги негуваат традициите на исламот.
Првпат низ вековите, џамијата на светилиштето вчера беше привремено затворена од безбедносни причини иако официјални лица јавија дека можеби ќе биде отворено во текот на денот. Ударот на двете експлозии одекна во дворот на светилиштето. Спасувачките екипи се качуваа преку урнатините додека ги изнесуваа жртвите.
Првиот напаѓач го изврши нападот во централната област, каде што посетителите ноќеваа и се подготвуваа за молитва, јавија официјални лица. Додека луѓето бегаа, вториот напаѓач го активираше експлозивот во погорната област. Се верува дека напаѓачите користеле направи пакувани со лагери, со цел максимално да се зголеми силата на нападот.
Доброволец од обезбедувањето во светилиштето ги опиша сцените на уништување. „Тоа беше ужасна глетка. Насекаде имаше мртви тела, крв и луѓето плачеа“, рече Мохамед Насир.
Нападот е најголем во суфи-светилиште во Пакистан откако започнаа милитантните напади во 2001 година. Ниту една група не презеде одговорност за нападот, но дописниците јавуваат дека нападите се продолжение на се' поголемиот тренд кај милитантите да напаѓаат членови на други секти, како и малцинства.
Лахоре беше погоден од серија бомбашки напади, меѓу кои и самоубиствен напад врз канцелариите за борба против тероризмот во март, кога и загина најмалку 13 лица. Во мај, повеќе од 90 луѓе загинаа во двоен напад врз малцинската секта Ахмади во градот.
Претходно, одговорните за безбедност меѓусебно си честитаа бидејќи јуни беше првиот месец за две години во кои немаше самоубиствени напади во Пакистан, јави дописникот на Би-Би-Си од Исламабад. Тоа беше доказ дека милитантните мрежи се прекинати. Минатата година, Пакистан започна голема воена офанзива врз милитантните упоришта во Јужен Вазиристан. Во декември, војс��ата соопшти дека постигнала победа, но според натамошните извештаи милитантите останаа активни во регионот. (Би-Би-Си) |