„Тајмс“ на Интернет само за пари
Лондон - Најстариот британски дневен весник „Тајмс“ и неделникот „Сандеј тајмс“ почнаа да го наплатуваат читањето на нивните текстови и прилози преку Интернет. За ваквото прелистување на овие два весника, се наплатува по една фунта (околу 72 денара) на ден, или две фунти неделно, ако читателите се претплатат за тоа.
Медиумската компанија „Њјуз интернешенел“, која ги поседува овие два угледни весника, уште претходно најави дека ќе почне со наплатување на читањето преку Интернет, објаснувајќи го тоа со економските причини и со потребата од поддржување на тиражите на печатените медиуми.
Медиумскиот тајкун Руперт Мердок, сопственик на „Њуз корпорејшен“, компанија што има разграноци низ целиот свет, во почетокот на оваа година, во едно од ретките интервјуа изјави дека одржувањето добри и квалитетни весници не е евтино и дека создавањето и одржувањето квал��тетни новински коментатори и аналитичари е скапа работа.
Другите весници засега остануваат отворени за пристап преку Интернет, но сите потврдија дека ќе го следат искуството и резултатите што ќе ги постигнат „Тајмс“ и „Сандеј тајмс“.
Од моментот кога овие две редакции најавија прекинување со бесплатното читање на нивните прилози преку Интернет, процентот на отворањето на нивните електронски изданија е намален за 60 отсто. Претставник на компанијата „Њуз интернешенел“ изјави денеска дека тие се задоволни од тоа како реагирале читателите. Досега само „Фајненшел тајмс“ и „Вол стрит џурнал“ наплатуваа за читањето преку Интернет на своите текстови и прилози. (МИА) |