Велешани не ја сакаат Топилницата
ВЕЛЕС - Велешани уште еднаш покажаа дека имаат развиена еколошка свест. Во анкетата што ја спроведе Зелената коалиција јасно се спротивставија на можното рестартирање на Топилницата.
„Деведесет и осум проценти од 1.280 анкетирани велешани ќе се чувствуваат загрозени доколку живеат во град со металуршки комбинат. Против рестартирање на Топилницата се изјасниле 94 отсто од испитаните, а дури 98 проценти сметаат дека по нејзиното затворање Велес е почисто место за живеење“. Ова се дел од резултатите на анкетата што во изминативе седум дена ја реализираа волонтери од Зелената коалиција, а од кои произлегува дека велешани имаат развиена еколошка свест. Ваквото изјаснување не е изненадување ниту за градоначалникот Горан Петров. „Имате поддршка од општината. Се надевам дека заедно ќе успееме во залагањата за запирање на рестартот на Топилницата, рече Петров.
За 61 процент од анкетираните продажбата на Топилницата била нетранспарентна, 34 отсто мислат дека била сомнителна. Велешани најголема одговорност за можното работење на комбинатот ќе и' припишат на Владата, дури 63 проценти, 23 отсто мислат дека одговорноста ќе ја сноси градоначалникот, за 27 проценти дека најголем грев за тоа ќе има Министерството за животна средина.
Зелените најавија дека ќе предложат промена во Законот за животна средина, со која големите индустриски капацитети не смеат да се градат на растојание помало од пет километри од последниот населен објект во општината. „Овој предлог ќе го спречи рестартирањето на Топилницата, а ќе се заштити здравјето на велешани. Истовремено ќе се спречи изградба на таков индустриски капацитет во кој и да е друг дел од земјава“, објасни Ненад Коциќ од Зелената коалиција. Поддршка за измени на Законот во оваа насока зелените добија од пратеничката група на СДСМ, од Нова социјалдемократска партија и од Партијата на Титови леви сили. (С.Ќ.Н.) |