Државни уцени за приватна сопственост
КАВАДАРЦИ - Сопствениците на шуми од Кавадарци обвинуваат дека државата ги уценува преку Законот за шуми. Тие ја оспоруваат одредбата, со која сопственик на приватна шума пред да ја користи е обврзан прво да ги наполни џебовите на приватните геодети за да ги обележат границите.
Од националната асоцијација на сопственици на приватни шуми рекоа дека за нив е болна точка тоа што требало да платат различни цени, од 4.000 денари па нагоре за обележување на парцелата и за елаборат од приватни геодети. Само на тој начин ќе можеле да ја користат сопствената шума. Тие сметаат дека би било в ред обележувањето да го вршат самите или тоа да им го прави некоја овластена институција што сами ќе ја одберат. Откако Уставниот суд се произнел дека законското решение е уставно, газдите на шуми планираат да подготват амандман за спорниот член од Законот. (А.Д.)
|