Новинарите прочистени пак одат на избори
Тамара Грнчароска
Новинарите си ги прочистија редовите и со 458 редовни члена, се подготвени утре, 11 декември, да го одржат пред три недели одложеното Собрание за избор на ново раководство на ЗНМ. По проверката на доставените пријави за членство од 20 ноември до минатиот петок, верификационата комисија, во состав: Душко Арсовски, Столе Наумов и Соња Крамарска, го утврди конечниот број на редовни членови, но и бројката од 57 придружни члена, додека 11 пријави се одбиени, а 12 чекаат да бидат активирани откако подносителите ќе навршат една година новинарски стаж. ЗНМ вчера соопшти дека досега има 6 кандидатури за претседател, кои ќе бидат верифицирани на самото Собрание.
Актуелниот претседател на ЗНМ, Роберт Поповски, ги повика сите членови да дојдат на утрешното Собрание. Во изминатите три недели имаше многу преписки на Интернет, етикетирања и вербални обвинувања меѓу новинарите, а Поповски смета дека тоа е показател дека на новинарството му се случува катарза. Но, според него, новинарите мора да покажат сила и да се обединат, да го изберат новото раководство, кое ќе има многу тешка задача да ги решава прашањата што ја оптоваруваат професијата. Тој побара новинарите и да застанат зад новото раководство, бидејќи без нивна поддршка, тоа нема да може да се справи со проблемите.
На јавните изјави на некои новинари дека Изборното собрание треба повторно ��а се одложи, Поповски е дециден дека по прочистувањето на списокот, „почиста ситуација никогаш немало“ и не постои основа за одлагање на Собранието. Тој не сакаше да ги коментира изјавите со барање за одложување, нарекувајќи ги лични чувства на тие што ги дале. „Се надевам дека сите ние ќе се надраснеме себеси и ќе смогнеме сили да го одржиме Собранието, бидејќи само јако ЗНМ може да се соочи со проблемите на новинарите“, рече Поповски.
„Тие поделби меѓу нас еднаш мора да завршат, да се обединиме без оглед на суетите и личните интереси“, смета Поповски, според кого, оние што мислат дека се ведети, оние што мислат дека само центарот т.е скопските медиуми се јаки и тие треба да го водат ЗНМ, оние што сметаат дека етнички треба да владеат со Здружението, да се повлечат од таквите размислувања, бидејќи тоа не е коректно кон колегите и професијата. „Нека дојдат сите, во спротивно, ќе излезе дека некој имал личен каприц да направи нешто, а ако неговото не поминува, тогаш не мора ништо да постои“, порача Поповски.
|