Ново признание за чаевите на „Алкалоид“
Чаевите од програмата „Билкарство на ’Алкалоид’ АД - Скопје“ се стекнаа со меѓународниот сертификат „Феар вајлд“ (Fair Wild). Со овој сертификат, кој го издава Институтот за еколошки пазар од Швајцарија, се потврдува дека произведените чаевите се во согласност со интернационалните стандарди за одржливо собирање медицински и ароматични растенија од природата (ISSC-MAP), со што се гарантира безбедност, квалитет и ефикасност на чаеви. Сертифицираните производи „феар вајлд“ го потврдуваат и фер односот меѓу собирачите на билки и компанијата - корисникот на собраните диворастечки билки. Овој стандард, воедно, гарантира и подобри работни услови како на собирачите, така и на вработените во „Алкалоид“. Интегрален и особено значаен аспект на „Феар вајлд“ стандардот е управувањето со природните ресурси и одржливото користење на лековитите и ароматични растенија. Со овој сертификат, „Алкалоид“ АД - Скопје се вброи во малиот број компании во светот сертифицирани според принципите на најновиот стандард „Феар вајлд“, со што се и се стекна со можност за пласман на своите чаеви заштитени со логото „Феар вајлд“ на сите светски пазари. (Ек.Р.)
|