Кога спајверите ја нарушуваат приватноста
Станува збор за програми и апликации што собираат и испраќаат информации за корисникот до нивните издавачи
Секојдневно ни се случува да го отвориме нашето и-мејл сандаче и во него да најдеме најразлични реклами каде што можеме да купиме евтини лекови, часовници, филмови. Дали сте се запрашале како спам-пораките го наоѓаат патот до вашето електронско сандаче? Доколку вие не сте ја оставиле и-мејл адресата на сомнителен веб-сајт, тогаш најверојатен начин таа да стигне до спамерите е вие или ваш пријател да е заразен со спајвер.
Според „Симантек“, спајвер-програмите се дефинирани како апликации што собираат и испраќаат информации за корисникот преку Интернет до нивните издавачи со цел тие да бидат искористени за маркетинг или за други малициозни цели без известување на корисникот. Типот на собраните информации се разликува во зависност од спајверот. Некои спајвер-апликации испраќаат само информации специфични за компјутерот каде што се инсталирани, додека други испраќаат лични податоци за корисникот.
Повеќето спајвер-програми можат бесплатно да се симнат од Интернет. Би се запрашале зашто да симнуваме спајвер? На прв поглед, тоа најчесто се апликации што помогаат во нашата секојдневна работа на компјутерот, како на пример, алатки за подобро симнување од Интернет разни бесплатни игри, услужни програми и алатки, разни плеери за музички и видеофајлови.
Технички, спајверот може да се смета како два одделни дела на софтвер што е испорачан во еден пакет, главната функционалност што е видлива и корисна за корисникот и споредна функционалност, чија цел е собирање, одржување, надгледување и испраќање информации во заднина.
Спајверот, генерално, се испорачува на два начина: дизајнерите на главната функционалност ја лиценцираат споредната функционалност да се спои со нивниот продукт или тие вклучуваат нивна споредна функционалност. Откако софтверот ќе биде произведен, тој е поставен на пазарот. Повеќето корисници се несвесни за споредната функционалност на софтверот што им ги краде информациите и ги испраќа на Интернет.
Кога се користи спајверот, тој испраќа информации до неговиот издавач. Во некој случај спајвер-апликацијата е, всушност, интернет-пребарувач што нудел поголема брзина на прелистување. На пример, Филип штотуку инсталирал нов интернет-пребарувач за да може да го искуси „подобреното искуство на преслистување и даунлодирање“ како што најчесто наведуваат издавачите на спајвер. Процесот на регистрирање вклучува одговарање на неколку прашања за личните детали, како што се име, старост, пол, националност, професија и ниво на едукација. Откако ќе заврши процесот на регистрација, корисникот решава да почне да го користи новиот софтвер. Апликацијата навистина малку побрзо пребарува, правејќи го него среќен корисник на овој спајвер-софтвер. За време на секоја сесија на сурфање, спајверот ги забележува страните што ги посетува Филип и податоците му ги испраќа на издавачот. По одредено време базирано на собраните информации, издавачот почнува да му прикажува реклами на Филип што се во неговиот домен на интереси. Корисникот е наполно несвесен дека секој негов чекор е следен со цел тој да биде попрофитабилен објект за издавачот.
Овој пример ни покажува дека корисниците на спајвер најчесто се несвесни за размената на информации што се случува во позадина меѓу спајвер-апликацијата и нејзиниот издавач.
Зависно од целта на функционалноста на собирањето информации на спајверот, типот на собрани информации варира од еден до друг спјавер. Некои спјавер-програми само ги следат навиките на интернет-прелистување на жртвата. Други спајвери ги зачувуваат сензитивните информации што се внесуваат на веб-сајтовите, како што се лозинки, броеви на кредитни картички, банкарски сметки, броеви на пасоши и друго.. За да ги задржат собраните информации поврзани со некоја инсталација, сите информации испратени до издавачот треба да бидат уникатно идентификувани. Уникатниот идентификувач мора да биде зачуван на корисничкиот компјутер. Постојат разни методи за создавање на уникатните идентификувачи. Двата најкористени метода се создавање глобален уникатен идентификувач и зачувување на еден фајл при инсталација на спајвер-програмата. Секојпат кога спајвер-апликацијата ќе испрати информации на нејзиниот издавач, уникатниот идентификатор е, исто така, испратен дозволувајќи му на издавачот да ги внесе тие информации во својата база.
Како повеќето комерцијални софтверски пакети секоја спајвер-програма вклучува договор за согласност на крајниот корисник за користење на софтверот ЕУЛА, со која корисникот се согласува пред да го користи тој софтвер. ЕУЛА ги вклучува сите вообичаени клаузули како информации за процесот на собирање статистички податоци со цел да се подобри софтверот.
Многу спајверски ЕУЛА се составени така што содржат многу информации, најчесто се големи и по неколку страници, и од нив е тешко да се изделат информациите врзани за главната функционалност на софтверот од неговата втора спајвер-функционалност.
Во информациите во ЕУЛА има двосмисленост, што е опасно бидејќи мнозинството од корисниците го прифакаат ЕУЛА, без притоа да разберат на што укажува истиот. Многу корисници се вознемирени кога ќе откријат дека некој од софтверот што го користат е спајвер. Сепак, повеќето корисници остануваат несвесни дека, всушност, тие користат спајвер. Корисниците во оваа група може да се објекти на профилирање на корисници без нивно знаење.
Многу корисници се несвесни дека користат спајвер поради недоволна и нејасна нотификација за делот од софтверот што собира информации. Поради оваа причина, важно е корисниците да го читаат и да го разберат ЕУЛА и другите нотификации пред да го инсталираат софтверот. Доколу корисникот има соодветна антиспајвер заштита, таа е способна да го извести дека софтверот што сака да го инсталира е, всушност, спајвер и ќе го спречи неговото работење на компјутерот на корисникот. (А.С.)
ЕУЛА на спајверот френд гретингс
Се согласувате да им се испрати и-мејл на вашите контакти. Како дел од процесот на и��сталација, Пермишн медија ќе им пристапи на вашите Мајкрософт аутлук контакти и ќе им испрати и-мејлите поканувајќи ги да инсталираат френд гретингс или друг продукт. Симнувајќи, инсталирајќи и пристапувајќи на френд гретингс, вие го авторизирате пермишн медија да пристапи на вашата Мајкрософт аутлук контакт-листа и да испрати персонализиран и-мејл на луѓето во вашата листа. Доколку не сакате
пристап до вашата контакт-листа и да се испратат и-мејл пораки до нив, немојте да ја симнувате, инсталирате или пристапувате до френд гретингс апликацијата. |