Еклстоун: Доживотната казна за Бријаторе е престрога
Првиот човек на Ф1 смета дека на спортот му требаат луѓе како поранешниот тимски шеф на Рено
Доживотната суспензија за Флавио Бријаторе за местењето трка е превисока и поранешниот тимски шеф на Рено би требало да се жали до раководното тело на Формула 1, смета сопственикот на комерцијалните права за овој спорт Берни Еклстоун. Британецот изјави дека заминувањето на „огнениот“ Италијанец, казнет во понеделникот од меѓународната автомобилистичка федерација ФИА за сопствената улога во намерниот судир на Нелсон Пике во трката во Сингапур минатата година, претставува загуба за спортот.
„Според мое мислење, ова е престрого за Флавио“, им изјави на новинарите 78-годишниот милијардер, пријател и бизнис-партнер на Бријаторе по ручекот во Сингапур. „Мислам дека тоа беше непотребно, но јас присуствував на седницата на комисијата на ФИА, па веројатно и јас сум еднакво виновен со сите други. Од сегашна перспектива, тоа не беше потребно“.
Еклстоун, кој во градот-држава го очекува гран-прито овој викенд, како од пушка одговори на прашањето дали на Формула 1 ќе и' недостига Бријаторе.
„Апсолутно. Ни требаат луѓе како него. Ова е премногу“.
Тајкунот во мотоспортот, опуштен и облечен во блескаво бела кошула, им изјави на репортерите дека Бријаторе можеби ќе поминел подобро ако реагирал поинаку на сослушувањето пред Светскиот совет за мотоспорт при ФИА во Париз минатиот понеделник.
„Тој беше поканет да присуствува и неговите адвокати рекоа дека ФИА нема надлежност во врска со него, што веројатно беше точно, но тоа не беше вистинскиот начин да се каже“, изјави Еклстоун.
„Најлесно ќе беше да каже: ’Бев фатен со рацете во сефот, тоа ми изгледаше како добра идеја во тој момент и жалам поради тоа‘. Има организација што функционира многу, многу добро врз таа идеја, каде што луѓето одат во куќичка и се исповедуваат“, се насмеа тој. „Искрено, јас сум пријател на Флавио. Тој, едноставно, лошо се справи со целата работа. Тој можеше да се справи со тоа на сосема поинаков начин и на тоа ќе се завршеше“.
Еклстоун го повика Бријаторе да се жали до ФИА, но јасно му советува да не презема правна акција.
„Тој треба да побара да биде сослушан од судот за жалби. Тој треба да се жали до ФИА“, вели Берни. „Ако оди пред граѓански суд, ФИА ќе мора да се брани и некој ќе рече дека тој испратил младо момче во нешто што можело да се заврши со негова смрт. Од тоа не би излегло ништо добро“.
ФИА му изрече на Рено условна казна од две години, а на шефот на инженерите Пет Сајмондс му забрани да врши каква било функција во овој спорт во траење од пет години. Пике избегна казна благодарејќи на добиениот имунитет во заменља за неговото сведочење.
БОБ БЕЛ НОВ ТИМСКИ ШЕФ НА РЕНО
Техничкиот директор на Рено, Боб Бел, од заминатиот Флавио Бријаторе ќе ја преземе улогата на прв човек на тимот по скандалот со местењето на трката во Сингапур 2008.
„Бел ќе присуствува во преостанатите трки од сезоната и ќе биде гласноговорник на тимот за сите спортски и технички прашања“, соопшти ИНГ Рено Ф1 тим.
Бел истовремено ќе биде и главен технички офицер на екипата.
ПИКЕ СЕ ВРТИ КОН САД
Нелсон Пике чувствува дека ќе треба да почека да слегне прашината од „крашгејт“ пред да се обиде да се врати во Формула 1. Тој е решен да докаже дека може да се натпреварува на највисоко ниво во мотоспортот, убеден дека неговиот талент бил задушен од поранешниот тимски шеф на Рено, Флавио Бријаторе.
„Се плашам дека поради овој скандал ќе биде тешко веднаш да се вратам во Ф1“, изјави 24-годишниот Бразилец за германски „Аутомото унд шпорт“. „Некои луѓе ќе се плашат дека ќе се случи истото. Но, тоа беше уникатен случај и јас треба да се поучам од тоа. Ако не најдам место во Ф1, можеби на една година ќе заминам во Америка и ќе се обидам да завршам добра работа таму додека слегне прашината. Бев таму една недела во август и зборував со некои тимови“.