Многу видни гости на отворањето на римечот на шаховските великани
По разочарувачкиот почеток на римечот во Валенсија со два пораза, Анатолиј Карпов во третата партија по забрзано темпо конечно му покажа заби на Гари Каспаров пред да ја загуби и четвртата во временски теснец, со што неговиот ривал поведе со 3-1 пред синоќешните осум брзопотезни партии. И вторпат со бели фигури 58-годишниот Карпов се отвори со Гринфелдова одбрана со 3. г3, добивајќи ја по 36 одиграни потези, по што и 12 години помладиот противник повторно со бели се определи за Полусловенска одбрана, која ја доби по 33 потези.
Дуелот на некогашните светски шампиони и лути опоненти во антологиските мечеви за планетарната круна се игра во чест на 25-годишниот јубилеј од нивното прво соочување за титулата светски првак во 1984 година. Обајцата ќе го репризираат мечот во Валенсија и од 11 до 13 декември во Париз, каде што исто така ќе одиграат четири забрзани и осум блиц-партии во прилог на фондот за медицински истражувања и под капата на УНИЦЕФ.