„Утрински весник“ ќе ја додели наградата „Роман на година“ по дванаесетти пат
Без исклучок, наградениот роман на „Утрински весник“ е најпродавана книга од македонски автор таа година
Невена Поповска
Од 15 декември и официјално е распишан конкурсот за наградата „Роман на годината“ која е врсник со весникот и која годинава ќе се додели по дванаесетти пат.
До денеска таа не само што прерасна во традиција, туку и се институционализира. Од самиот почеток, од востановувањето на наградата секоја година имаме грандиозна продукција на романи несвојствено за мала држава. Но, несомнен е фактот дека ова признание дава силен придонес во развојот на македонската литература. Сите досега наградени романи доживеаја повеќе изданија и добија домашни и меѓународни награди.
Ова се однесува на сите автори и на оние кои се веќе афирмирани, а оние непознатите доживеаја дополнителна афирмација. Секој награден роман, пак, имаше свој живот. По некои од нив се снимаа филмови, се поставуваа драми, непрекинато течат нивните изданија.
Ова и за нас, како Редакција, претставува признание и за етаблирањето на „Утрински весник“ во високо професионален дневен весник и со високи етички стандарди што се' повеќе го бара својот дополнителен имиџ во културата и во творештвото. |