Фељтон
Колку УДБ-а беше нашата судба (6)
Котески го кодошеле неговите пријатели поети
Главен обвинител во судењето на Јован Котески бил Јован Трпеновски, а другите двајца обвинители - Ѓорѓи Наумов и Михајло Маневски
Виктор Цветаноски
Јован Котески, еден од најголемите македонски поети, од чија поезија младите генерации во шеесеттите години од минатиот век учеа како треба да се пишуваат стихови и како да се сака татковината, цели 42 години бил следен од УДБ-а. Го кодошеле неговите колеги-поети, со кои другарувал и пиел кафе на иста маса.
Како „пријатели“ влегувале дури и во неговиот дом за подоцна да ги информираат тајните служби. Еден период ги прислушкувале него и неговото семејство. За вљубениците во неговата поезија страшно прозвучи веста кога дознаа дека е затворен, а оние што ја познаваа неговата интима не можеа да поверуваат. Каква опасност за државата видела власта во човекот што не згазнуваше ниту на мравка и за секого имаше убав збор, во поетот кого во тие времиња го сметаа за најголем лиричар во бившите југословенски простори?
„Во досието на татко ми дефилира ужасна смотра на живи и мртви поети, литерати, случајни луѓе и - полицајци. Светот на досието на татко ми е свет на осцена комбинација на македонски писатели и полицајци, кои често се спојуваат во ист човек. Тоа е свет во кој нема стабилни координати и пријателство. Повеќето ’пријатели‘, колеги и писатели се тука за да го стегаат обрачот околу својата мета. Секој и се' е уво“, пишува Јасна Котеска, ќерка на поетот, која, пренесувајќи ја животната драма на својот татко, на мошне илустративен начин ја прикажува страшната машинерија на УДБ-а што уништи многу луѓе заедно со нивните семејства.
Од досието на Котески, под кодното име „Интимист“, може да се види дека од УДБ-а бил следен од 1961 година, но прв пат бил притворен во далечната 1948 година кога имал само 16 години. Најверојатно, како што претпоставува неговата ќерка, поради тоа што неговиот татко Васил Котески, кој како шеќерџија работел во Братислава, бил затворен од чехословачките тајни служби и осуден на девет години робија затоа што во неговиот стан нашле слика на Тито, на истиот маршал во чие име, за иронијата да биде поголема, подоцна му се суди на неговиот син. Пред УДБ-а да почне да го следи систематски и постојано, големиот поет бил притворен уште еднаш, во 1952 година, за време на една младинска акција во Маврово.
Јован Котески е затворен во септември 1985 година и осуден на пет години затвор под обвинение дека илегално работел на уривање на југословенската федерација и се борел за создавање независна македонска држава. Тој е последниот македонски политички затвореник. Негов главен обвинител бил Јован Трпеновски, а другите двајца обвинители - Ѓорѓи Наумов (министер во владата на Никола Кљусев) и Михајло Маневски (актуелен министер за правда). Додека го суделе никој од Друштвото на писателите, ниту неговиот претседател не се обидел, ако ништо друго, барем да се распраша што се случува со нивниот член.
Котеска вели дека во досието постојат документи од седницата на ДПМ, кога тогашниот претседател Гане Тодоровски се однесувал како затворањето на член на здружението да не е негова работа.
Не се знае точно кои писатели го кодошеле големиот поет, зашто нивните имиња во досието се пречкртани. Јасна Котеска во книгата „Комунистичка интима“ поместува документ напишан непосредно пред апсењето на нејзиниот татко, за една средба што Котески ја имал со Анте Поповски, на која сакал да разговара како со пријател за групата полицајци што биле уапсени тие денови и кои 12 години пред тоа им се заканувале нему и на неговото семејство со смрт, но наместо да го ислуша тој утредента побарал прием во службата на РСВР каде што им раскажал за таа средба. Власта го прогласила Котески за идеолог на терористичката група.
„Во досието на татко ми, на пример, еден од кодошите е универзитетски професор, кој, по случајот на нештата, додека студирав книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје беше мој професор. Во оперативната забелешка од 25.11.1985 година по иницијатива на РСВР дошло до средба на инспекторот и соработникот проф. Нада Момировска, средба што се одржала во хотелот ’Континентал‘ од 11 до 11.30 часот на 22.11.1985 година. Според документот: ’Цел на разговорот беше соработникот да презентира безбедносно интересни сознанија и податоци за коментарите на Филолошкиот факултет, по повод судењето на ПОО ’Интимист‘. Според документот, ’сознанијата се добиени во усмена форма, (а) оперативните трошоци се 300,00 динари‘“, пишува Котеска.
Ќерката на Котески вели дека кога нејзиниот татко прв пат го отворил досието бил фрапиран од кафкијанското сценарио, од степенот на сеприсутниот поглед, од долготрајноста на набљудувањето и од садизмот на оние што го набљудувале. Што се' преживувал Котески најдобро говорат следниве зборови со кои Јасна опишува еден негов обичен ден:
„Татко ми се обидуваше да спие дење. За него беше неиздржливо да биде буден кога надвор има светло. За оној што доживеал тортура, светлото е посебен проблем. Оној што цел живот е гледан, а сам не гледа, оној што е објект на информација, а никогаш субјект во комуникацијата, се плаши од светлото затоа што видливоста го гарантира функционирањето на власта. Кога беше буден, татко ми нервозно се шеташе од една соба во друга. Сега ќе влезе во некоја соба и веднаш ќе излезе. Ќе постои во ходникот за да слушне што прави мајка ми во кујната; ќе тропне во мојата соба за да види дали не ми се случило нешто ужасно, ќе најде некаков изговор, на пример, ’ја читам Цветаева‘ и, не чекајќи одговор, исто толку брзо ќе излезе. Со часови ќе трепери зад завесата гледајќи го ѓубреџијата што решил следните три часа до крајот на работното време да ги отседи токму на тротоарот под нашиот прозорец. А што ако тој не е ѓубреџија? Многу ѓубреџии во досието излегоа ’службени лица на ДБК‘. Ќе легне да спие. Спие на едно око и на секој шум рипнува и бара да му се објасни што се случило, сака да види, да се увери. Живее како во секој момент да треба да дојде некој најважен човек и да ја донесе најважната одлука од што ќе се материјализира пророштвото за неговиот живот. Човекот што минал 40-годишен политички прогон, гради стратегии за опстанок. Кога ѕвончето ѕвони, помислува: кој е следниот што ќе биде мачен? Ако ѕвони некој на врата застанува и го ослушнува дишењето на оној што ѕвони. Едвај собира храброст да ѕирне низ клучалката. Дури и кога добро го познава оној што ѕвони, долго го набљудува. Некогаш тргнувам да отворам, ама за него е прашање на живот или смрт, прв да ја отвори вратата за да не ми се случи нешто ужасно. И, конечно: ’А, Верче, повели... дома е Јасна‘“, пишува Котеска за драмата што ја преживувал нејзиниот татко.
Ако Котески го отпишале од Друштвото на писателите и не застанале во негова заштита, колегите од светот не го заборавиле. Во 1986 година Ален Гинзберг, тогаш претседател на Комисијата за заштита на правата на писателите и новинарите на светскиот ПЕН-центар, кој таа година го доби „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата, поведе акција за негово ослободување. „По иницијатива на југословенскиот ПЕН-центар (со седиште во Загреб), во јули 1987 година, по околу две години робија Котески е пуштен на слобода. За неговото ослободување најмногу е заслужен тогашниот потпретседател на светскиот ПЕН–центар и хрватскиот ПЕН-клуб, Предраг Матвеевиќ, кој организира петиција со светски познати писатели за негово ослободување од затвор, а кој во текот на 90-тите години од минатиот век и самиот паѓа во немилост на националистичкиот режим на Фрањо Туѓман во Хрватска“, пишува неговата ќерка.
По ослободувањето од затвор Котески се вработува како библиотекар во библиотеката „Другарче“. Почина во 2001 година во Скопје. Котеска, инаку професорка по книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, вели дека новата македонска држава денес не смее да ги прескокнува фундаменталните прашања од нашето историско време. „Ако една нација сака да биде здрава, таа мора масовно да се психоанализира себеси. За да ги сознае подобро своите механизми. За да знае што и' се случувало и каде стои сега. Нас и тоа не' мрзи. Во име на сето ова ги повикувам децата на бившите политички затвореници да ги отворат досиејата што ги чуваат дома. Знам дека ги заобиколуваат фиоките затоа што ги боли, ама ако ги отворат, еднаш, можеби ќе почне помалку да боли“, смета таа.
Иван Бабановски, еден од функционерите што во тоа време работел во СДБ, вели дека Котески бил „колатерална штета“. Поради совесност, чесност и карактерност не сакал да ги пријави луѓето од групата. „Сите беа следени и озвучени, му покажувавме снимки од нивните разговори, му посочувавме што разговарале тие, што говорел тој. Му кажав дека ќе ги апсиме и оти е греота и срамота и него да го апсиме. Јас докрај бев категорично против да се апси Котески. Мислев дека е апсурд еден човек, кој е добитник на највисоки национални награди, да го ставаме во група на луѓе со неиздиференцирани национални чувства, со некои пробугарски елементи, кои сами не знаеја што сакаат да постигнат со бомбите што ги ставаа“, објаснува Бабановски.
Според него, уделот на Котески во целата таа акција било тоа што му лекторирал книга на недоволно писмениот Тодор Георгиев, полицаец од постарата генерација, кој бил во групата. Го замолиле да ја среди неговата книга со што се согласил поетот.
(Продолжува)
|