Навредливите, вознемирувачки и шокантни изјави и информации за политичарите и за други познати личности повеќе нема да бидат предмет на кривична постапка, одлучи Врховниот суд на Србија, пишува српскиот весник „Политика“. Клеветата и навредата ќе останат само на хартија и повеќе нема да бидат дел на судската практика по најновата одлука на Врховниот суд за таканаречено правно толкување, кое има сила на закон.
„Границите на прифатлива критика се многу поголеми кога се во прашање јавните личности. Во однос на обичните граѓани, јавните личности и политичарите се неизбежно и свесно изложени на детална анализа на секој изречен збор и дела, и од новинарите и воопшто од целокупната јавност, затоа мора да покажат повисок степен толеранција“, гласи текстот на правното толкување кое Врховниот суд го усвои на 25 ноември. Во заклучокот на овој документ е наведено дека „слободата на изразување на поединци не важи само за информации или идеи што се сметаат навредливи туку и за она што навредува, шокира или вознемирува, бидејќи тоа се однесува на прашањето од јавниот интерес, а не на приватниот живот на јавните личности“.
„Оној што имал храброст да биде јавна личност мора да биде подготвен на секакви удари. Ваквата одлука, всушност, се однесува на јавните личности за да не се одлучуваат толку лесно да поднесуваат тужби“, ги пренесува весникот „Политика“ коментарите на Врховниот суд на Србија. (П.Р.)