Новиот прв човек на АЕК по мерка на власта?
Онака како што и се очекуваше, директорот на Агенцијата за електронски комуникации, Петар Ивановски, вчера ја официјализира својата оставка од позицијата. Вчера доцна вечерта Комисијата во Агенцијата требаше да одлучи дали експресно ќе именува в.д. директор на АЕК или, пак, Ивановски би останал на оваа функција се' додека не се назначи нов директор. Само за потестување, со Комисијата претседава Гордана Ивановиќ, кадар на владејачката партија, ВМРО-ДПМНЕ.
Според добрите познавачи, загрижувачки е не само фактот што за оваа многу одговорна функција, директор на АЕК, повторно се подготвува партиски кадар, туку уште повеќе тоа што за тоа место веќе бил таксан човек, кој до неодамна работел во еден од мобилните оператори во земјава.
За скандалозноста да биде уште поголема, неофицијалните информации говорат дека станува збор за личност, кој кога си заминувал од мобилниот оператор каде што работел, потпишал договор за спогодбено заминување од таа компанија, со која му била обезбедена висока испратнина, но и ограничување во следните две години да не работи во телекомуникацискиот сектор. Ако тој кадар седне на челното место во АЕК, тоа ќе значи дека во следните две години ќе зема плата и од Агенцијата за електронски комуникации, но и од мобилниот оператор, што, пак, по природата на нештата, е компанија што треба да ја контролира.
Откако за овие намери на власта дознале конкурентските мобилни оператори во земјава, според наши извори, веќе испратиле превентивна реакција до Брисел. Тие сметаат дека не е во ред на раководната позиција во АЕК власта да постави човек по свој терк, а постојат и стравувања дека тој би ги штител интересите на својата поранешна компанија и би ја рушел либерализацијата на телекомуникацискиот пазар во земјава.
Како што неофицијално беше обелоденето, Петар Ивановски се повлекува од позицијата директор на АЕК поради континуираниот притисок на власта со пари на Агенцијата да се купуваат државни записи, преку што се покриваа дупките во државниот буџет. Но, таквите информации веднаш побрза да ги демантира Агенцијата, која наведе дека мотив за повлекувањето биле лични причини, барајќи да не се прават шпекулации околу Агенцијата. (Н.Н.Ф.) |