Расте и трговскиот дефицит и размената со странство
Обемот на стоковната размена на Македонија во периодот јануари - август годинава е за 10 проценти поголем во однос на истиот период лани, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија во првите осум месеци од годинава изнесува 1,995 милијарди, а на увозот 3,354 милијарди долари. Покриеноста на увозот со извоз е 59,5 отсто. Трговскиот дефицит во периодот јануари -август година изнесува 1,359 милијарди долари.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на производите од железо и од челик (валани производи), облеката, фероникелот и преработките од нафта. Во увозот најмногу се застапени суровата нафта, моторните возила за превоз на лица и електричната енергија.
Во периодот јануари - август годинава најголемо учество во извозот на стоки имаат земјите-членки на ЕУ 27 со 61,1 процент и земјите од Западен Балкан со 31,8 проценти. Во увозот на стоки, исто така, е најголемо учеството на членките на Унијата со 52,2 процента, како и на земјите во развој со 29 проценти. Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, 44 проценти од вкупната надворешна трговија на Македонија е со Германија, Србија, Грција, Русија и Италија. (МИА) |