Македонските камати многу повисоки од австриските
Разликата меѓу каматите во Австрија и во Македонија достигнува до 3,5 проценти, поради ризикот во земјава
Соња Маџовска
Македонските камати се многу повисоки од австриските, а разликата достигнува до 3,5 проценти. Вака странските банки се заштитуваат и со високи камати го наплатуваат ризикот што го имаат од работењето во Македонија. Ова вчера го порача Франц Кербер, претседател на Шпаркасе Македонија, на денот на свеченото ребрендирање на Инвест банка во Шпаркасе банка.
„Каматните стапки се пониски во Австрија. Тоа се должи на фактот што ризикот во вашата земја за банките засега е многу поголем во споредба со севкупниот деловен амбиент за банките во Австрија. Порано имавме разлика од 300 базични поени, а сега 350, што значи дека меѓу каматните стапки има разлика од 3,5 проценти. Тоа се однесува на ризикот што го поднесува банката. Бројките се различни дури и во споредба со земјите од поранешна Југославија, каде што Шпаркасе банка е присутна. Но, она што ги поврзува сите банки се условите“, изјави вчера Кербер.
Од друга страна, пак, тој смета дека банкарскиот систем во земјава е стабилен. Сепак, Кербер истакна дека тоа важи за најголем број од банките, но порача дека 30 отсто од банките во земјава тешко дека ќе ги исполнат европските стандарди. Кребер ја пофали политиката што ја води Народна банка на Македонија и за време на кризата и во моменталната преку вештината на одржување стабилна ликвидност кај банките.
„Во Македонија две третини или 40 отсто од банките добро си ја вршат работата, а 30 отсто, пак, ќе мора да ги завршат обврск��те, додека останатите 30 отсто тешко дека ќе можат да ги исполнат меѓународните стандарди“, порачува Кербер. Според него, секоја банка ќе мора да го даде својот придонес во справувањето со ликвидноста во овој период.
Инаку, Инвест банка, по две години од купувањето од страна на Шпаркасе, го заокружи процесот на трансформација и официјално стана дел од овој бренд. Првите луѓе се пофалија дека банката бележи постојано нагорен тренд, а досега Австријците инвестирале 70 милиони евра. Од 10. место во 2008 година, Шпаркасе сега е шеста банка во земјава, а претендира да влезе меѓу првите пет во државава. Лани забележале раст на кредитирањето од 28 отсто, а годинава од 21 процент, заклучно со август.
Претседателот на Управниот одбор на Шпаркасе Македонија, Срѓан Крстиќ, порача дека новиот бренд ќе претставува уште поголема мотивација и одговорност да го оправдаат името и да го одржат позитивниот имиџ на Штаермеркише Шпаркасе банка, како отпорен и успешен финансиски модел. Крстиќ се надева дека годинава бројот на клиентите ќе се искачи до 100.000. Банката има 32 експозитури, а 248 вработени. Тој најави продолжување на кредитирањето на физички лица, а особено на малите и на средните претпријатија, кои им се целна група.
Уделот во банкарскиот пазар во Македонија од 2,8 проценти е зголемен на четири, а од банката очекуваат до крајот на оваа година да достигнат до пет отсто. |