Иселениците со македонско државјанство се здобија со право да гласаат на наредните парламентарни и претседателски избори во земјите каде што оформиле семејства и развиле бизниси. Во редовните или можеби во некои вонредни термини што зависи од процените на владејачката гарнитура, гласовите на гастарбајтерите во странство ќе одлучуваат за идниот шеф на државата, па можеби и ќе имаат пресудно влијание на конечниот изборен резултат. Измените предвидуваат промени и во македонскиот законодавен дом затоа што иселениците ќе делегираат пратеници. Од три нови изборни единици - Европа, Америка и Австралија. Тоа ќе го прошири бројот на седиштата во Собранието, од сегашните 120 на 123.
Ова се најсуштинските новини од изборното законодавство за кои пратениците лани дадоа зелено светло, а станаа применливи од почетокот на месецов. Но, ниту се нови ниту се непознати. Земјите од најблиското соседство, Србија и Хрватска, како и други европски држави го практикуваат ова демократско право, давајќи и' гласачко право на дијаспората.
Како ќе биде кај нас, допрва ќе дознаеме. Но, Македонија цврсто реши да ја вклучи дијаспората на избори. Надлежните институции се пред голем испит, да покажат колку се организациски потковани за овој сериозен предизвик. И се' би било в ред ако законодавците беа поревносни и ако подготвеа прецизни правила. Обичен лаик може да оцени дека изборните новини се со милион нејаснотии. Ако нејасните одредби за гласањето на дијаспората не добијат добри дефиниции со низа подзаконски акти, тогаш на изборите, ќе има многу проблеми.
Изменетиот Изборен законик ја става државата во голем тунел без ниту едно светло. Отвора многу дилеми. Дали иселениците треба да се пријават лично во амбасадите за гласање или пријавата треба да ја пратат со пошта? Ќе се минусираат ли гласовите на веќе пријавените од општиот регистар на гласачи? Кој ќе гарантира за еднаквоста, тајноста и веродостојноста на гласовите што ги дале гастарбајтерите? Дали македонските државјани во европските и прекуокеанските земји ќе собираат потписи за пратенички кандидати или ќе регистрираат партии? Колку пари ќе се трошат од народната каса за новите парламентарци, патувања, престој, дневници...? Дали во иднина иселениците ќе можат да гласаат и на референдум?
Целиот товар што како планина се надвиснува од наредните избори паѓа врз грбот на ДИК. Почнувајќи уште сега Државната изборна комисија мора до детали да го расчисти техничкиот дел на изборите во соработка со Министерството за надворешни работи. Вплеткување во мрежата на непознатото крие опасност од нерегуларности, злоупотреби и манипулации. Барем она што се случуваше на гласачките места кај нас треба да е доволен сигнал како да се постапи.
Експертите постојано предупредуваа дека проектот дијаспора на избори не може и не смее да се случи преку ноќ. На Македонија и' е потребен сериозен и аналитички конципиран изборен проект за гласање на македонските државјани во странство во кој ќе бидат опфатени сите прашања кои се клучни за неговото изведување и од административно-технички аспект и од аспект на финансиските капацитети на државата. Како клучна ја потенцираа подготовката на национален регистар за македонски државјани во странство што требаше да даде одговор за определување мандати од дијаспората. Но, никој нема податоци колку иселеници има Македонија. Се шпекулира со бројки од 150.000 до 250.000 лица.
И додека дојдат тие нови избори, се' уште се бориме со Избирачкиот список. Не можеме да го прочистиме од умрените кои гласаат барем во еден изборен турнус. Регистарот е главната забелешка на меѓународните институции, кои јасно ставија на знаење дека само ажуриран список е добар список. Сега се тестира валидноста на регистарот во две општини од истокот и од западот, Виница и Гостивар, најверојатно, избрани поради иселеничкиот бран. Што ќе се открие таму може само да се претпоставува. Списокот мора да биде спакуван до април 2010 година.
На лошиот Избирачки список на домашните избирачи, сега се додав уште еден лош Избирачки список, оној за нашите во странство.Наместо да ги намалуваме бројот на пратениците, ние ги зголемуваме. Направете ги секретарита на општинските изборни комисии - професиоаналци (ќе биде ем поефтино ем поквалитетно).
Од: Ајван Доктор®
Датум: 03.09.2009 11:08:30
За „нашите“ во тујгина не кажувам ништо! Ме зачудува бројот на пратениците... Да не воведоа уште и претставници од Трите Дела??? Или овие се од Братските општини во Европа, Америка и Астраља?!
Од: verag
Датум: 03.09.2009 12:27:11
Никако не ми е јасно како може граѓаните кога ќе наполнат 18 г. автоматски да влезат во изборниот список,а тоа да не е можно за умрените.Како да нема воља за тоа. А сериозен,аналитички проек оваа влада не може да направи. Тие имаат една едеја,донесуваат закон,а после дури гледаат кои проблеми ќе искрснат. Смечно е еден пратеник да ги претставува иселениците од еден или два континети.Инаку,како што рече еден од ДПМНЕ,Премиерот веќе започна со кампања во Канада- се испофали со визната либерализација.Се разбира,со државни пари.
Од: bale
Датум: 03.09.2009 14:01:11
Pretpostavuvam deka i so ovie glasaci ke airosame... ovie ke bidat idnite najmanipulativni glasovi na Makedonija??????????? Ste vidime neli...
Од: dimi61
Датум: 03.09.2009 14:37:22
Па ние не можеме да организираме избори тука а не и во дијаспората.А зголемувањето на бројот на пратеници е апсурден , и овие се премногу, и онака се само гласачка машина. Ни треба парламент од педесетина пратеници ако и не помалку . И онака нема фајде од нив.
Од: Трпе.
Датум: 03.09.2009 15:33:03
Кога некој не е способен проблемите да си ги реши во сопствениот двор се меша во комшискиот.Ако ова влада тоа што го работи не е жално тогаш сигурно е смешно.Сеуште ни се јавуват проблеми во домашниот избирачки список а ние веке ѓи вклучуваме и иселениците.Па на секого му е јасно дека риба се лови,најдобро кога е матно.