Број 3077  четврток, 03 септември 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон

Site Meter

Фељтон

Полска - почетокот на крајот на комунизмот (9)

Лех Валенса: „Јас подобро ќе го направев тоа“

Дваесет години по соборувањето на комунистичката власт во Полска, Големиот електричар не е целосно задоволен од резултатот

Адријан Бриџ

Препознатливите мустаќи се' уште се на место, иако сега со забележлива побелена нијанса и подобро негувани отколку некогаш. За сопственикот нема грешка: Лех Валенса, електричарот чија жестока реторика ги запали бродоградителите од полското пристаниште Гдањск и го запали фитилот што доведе до соборување, пред 20 години оваа есен, на комунистичкиот режим што владееше толку долго од Балтикот до Црно Море.

Големиот електричар (работното место на Валенса во бродоградилиштето „Ленин“ во Гдањск) има причина да се наврати на своето животно дело. Пред точно 20 години, Полска стана првата земја во Источна Европа од Втората светска војна, која имаше некомунистички премиер, во ликот на Тадеуш Мазовјецки, по големата победа на движењето Солидарност на Валенса на изборите во почетокот на летото.

Штотуку помина 20-годишнината од друг важен настан: отворањето на железната завеса во текот на паневропскиот „пикник“ на граничниот премин меѓу Унгарија и Австрија, во близина на градот Шопрон. Границата беше отворена само неколку часа, но неколку стотици подготвени Источногерманци ја искористија можноста да побегнат на Запад. Иако бариерите за кратко беа поставени повторно, немаше враќање назад: во наредните четири месеци народите од Централна и од Источна Европа станаа за да ги сменат своите комунистички господари.

Валенса сака да си припише многу заслуги за тоа што се случи во 1989 година, и неоспорно е дека угнетуваните од Источна Европа беа инспирирани од човекот кој застана до комунистичките владетели на Полска и ги принуди на низа претходно незамисливи отстапки, особено правото да се биде дел од слободен синдикат.

Познатите мустаќи е првото нешто што го забележав кога Валенса излезе од својот автомобил, со возач, со отворен лаптоп-компјутер в рака, на влезот во ВИП-салонот во, со право наречениот, аеродром „Лех Валенса Гдањск“, од каде што ќе замине на друго предавање во странство (негова главна окупација овие денови). Сега има 65 години и е покрупен од времето кога го напаѓаше комунизмот, а изгледа како човек кој се' уште е во брзање.

Првично ми беше кажано дека ќе имаме само 10 минути. „Прво прашање?“, рече тој отсечно, прекинувајќи го љубезното претставување од преведувачот.

По 20 години, дали ова е тоа што го замислувавте? Дали го постигнавте тоа што си го поставивте да го постигнете?. „Ако некој ми кажеше кога бев млад каде би биле сега, немаше да му верувам, а тие промени - дури и ако се по цена на тепање и измачување – дефинитивно, вредеа за тоа. Постигнавме извонредни нешта“, рече тој. Сепак, не толку многу колку што тој би сакал.

„Моја должност беше да се борам и да победувам и тоа го направив. Но, промените можеа да бидат подобри. Помислете на степенот што го направивме овде. Тоа би било како да се смени возењето во Велика Британија од лева на десна страна. Направивме промена од лево кон десно и вредноста беше огромна“, додаде тој.

По еуфоријата од 1989 година, следуваше студената реалност на економско приспособување, бидејќи луѓето кои работеа на претходно заштитени, но неодржливи државни претпријатија беа истерани од работа. Економските тешкотии оставија многу луѓе да копнеат по удобната - иако огромно рестриктивна - сигурност на стариот режим. Валенса ’ржи и замавнува со прстот обвинувачки.

„Ако Западна Европа не' прифатеше порано, ќе беше многу подобро. Но, оставајќи не' да чекаме толку долго (Полска конечно беше примена во ЕУ во мај 2004 година), цената што требаше да ја платиме беше многу поголема. Би сакал ЕУ да излезеше со Маршалов план за земјите од Истокот. За жал, ништо такво не се случи. Бевме оставени целосно сами“.

Валенса се' уште го иритира фактот дека, извршувајќи ја функцијата како прв некомунистички претседател на земјата од 1990 до 1995 година, ја открил, како и Черчил во 1945 година, непријатната реалност на демократијата кога електоратот на Полска одби повторно да го избере за втор мандат, преферирајќи го наместо него, Александар Квашњевски, попрефинет раководител од комунистичкиот режим. Иако беше брилијантен уништувач на комунизмот, на Големиот електричар, како што реши полскиот народ, му недостигаа вештини, образование и кредибилитет потребни за да ги води на меѓународната сцена.

Валенса, кој во 1983 година ја доби Нобеловата награда за мир, беше исмејуван поради недоследност (како претседател негова омилена изрека беше „Јас сум и за и против“) и неразбирливоста на неговите: „На земјата и' треба политичка рамнотежа; владата е нејзината лева нога, парламентот е десната нога и јас сум помеѓу“. Исто така, имаше мрачни, но никогаш точно потврдени сугестии дека некогаш информирал за тајните служби на Полска.

Обидот за повторно влегување во претседателските избори во декември 2000 година заврши срамно, при што Валенса доби само 1 отсто од гласовите.

Повторно ’ржи. „Промените можеа да бидат подобри и ќе беа ако зависеше од мене“, вели тој. „Јас би добил многу подобри услови за нашиот влез во ЕУ. Но, јас ја завршив мојата работа; сега нацијата прави што сака“.

Никој не би негирал дека изминатите 20 години беа тешки или дека многу Полјаци се' уште се предизвикани од новиот поредок; но, резултатите од револуцијата, активирана од Валенса, и штрајкувачите од бродоградилиштето „Ленин“ јасно се гледаат. Помладата генерација Полјаци го прифати претприемачкиот дух, отворени се нови бизниси и е создадено богатство. На улиците на Гдањск, каде што некогаш имаше неуредни продавници со празни полици, сега има раскошни трговски центри и елегантни кафулиња. Можеби нема толку многу колку што би сакал Валенса, но пари од ЕУ пристигнуваат во Полска.

Откако се повлече од фронталната политика, Валенса уживаше да минува повеќе време во Гдањск со својата сопруга Данута, со која е во брак речиси 40 години, и нивните осум деца и десет внучиња. Како побожен католик, кој нашол голема инспирација во својот сонародник, папата Јован Павле Втори, тој посветува многу време на својата црква. Сепак, и покрај достигнувањата, тој се' уште се чини неспокоен. Ужива да биде пречекан низ светот и како негова мисија го гледа воведувањето на нова форма на „глобализација“ во која старомодното размислување за нациите се заменува со пофлуидна идеја за еднакво рангирани земји, во кои луѓето можат послободно и пофреквентно да се движат.

(Крај)


#
Статијата е прочитана 364 пати.

Испрати коментар


Најди! во Утрински
Насловна
Насловна
Зденко
Оставките во мода
Грција се подготвува за можен пораз во Хаг
Рен
СДСМ
Избори со милион нејаснотии!
Цела Европа на собир во Скопје
Музеите, автобусите, жичарницата... во аут со вториот ребаланс
Кои се круцијалните прашања на МАНУ
Зошто Македонија не беше во Гдањск?
Синдромот на белата кокошка
Белград ги подели лустраторите
Кодошите нема јавно да се објавуваат