Музеите, автобусите, жичарницата... во аут со вториот ребаланс
Со новата корекција буџетот се крати за вкупно 80 милиони евра, најави вчера Ставрески
Соња Маџовска
Годинава нема да се набавуваат автобуси, нема да се гради музејот на ВМРО, нема да се доградува стадионот, ниту ќе почне изградбата на жичарницата на Водно, ќе се стопираат одредени проекти во врска со информатичкото општество, а ќе се забави и набавката на опрема за лабораториите.
Ова се главните резови на Владата направени со вториот ребаланс на буџетот. Сите влегуваат во делот на капитални расходи, а кратењето по овој основ изнесува дури 70,5 милиони евра или 18 отсто во однос на планираните средства за капитални инвестиции.
Втора поголема ставка што се намалува се платите. Таму се кратат 11 милиони евра. „Ќе се стопираат сите нови вработувања, со исклучок на оние по Рамковен договор и за европските потреби“, најави вчера министерот за финансии, Зоран Ставрески, образложувајќи го новиот ребаланс, усвоен завчера од Владата. Според него, за 50 отсто се намалуваат и трошоците за дневници и за службени патувања, или за 2,2 милиона евра.
Имено, вкупната сума за која со оваа нова корекција се крати државната каса е 80 милиони евра.
Според Ставрески, Владата вкупните трошоци ги скратила за 3,2 отсто или за над седум отсто заедно со првиот ребаланс, од првичните проекции за годинашниот буџет.
Со новиот ребаланс се предвидува кај одделни проекти да има и дополнителни средства, како што се 5,8 милиони евра за набавка на два противпожарни авиона и милион евра за набавка на шест противпожарни возила, а и средства за набавка на таблети и вакцини за новиот грип.
Се' на се', и со вториот ребаланс буџетските расходи за годинава ќе изнесуваат 2,4 милијарди евра, а приходите 2,25 милијарди евра.
Дефицитот останува во претходно проектираните рамки, односно 2,8 отсто како процент од БДП, а како апсолутна сума ќе се намали за околу 300 милиони денари или за околу пет милиони евра. Ставрески најави дека дефицитот ќе се покрие со пари од задолжувањата на домашниот пазар, што, сепак, ќе забавело, а ќе се ситнат и средствата од еврообврзницата.
„Определба на Владата е до крајот на годината да се намали внатрешното задолжување како начин на финансирање на буџетскиот дефицит, со цел да се остават повеќе средства за стопанството, за банките тие средства да ги канализираат кон фирмите. Наместо за 100 милиони евра, преку внатрешно задолжување и издавање трезорски записи, Владата ќе се задолжи за 72 милиона евра. Тоа е за 28 милиони евра помалку од планираниот износ. Остатокот за финансирање на дефицитот ќе се обезбеди од еврообврзницата и од користењето поволни развојни кредити од Светска банка, за патиштата и за поддршка на буџетот од 30 милиони долари. Тоа значи дека се обезбедени средства за финансирање на дефицитот“, смета Ставрески.
Според него, тоа значи дека нема посебна причина за склучување аранжман со ММФ. „Вратата останува отворена, но во овој момент нема причина за тоа“, изјави првиот финансиер. Тој смета дека нема потреба Владата да брза и со повлекувањето на 57 милиони евра од посебната квота во ММФ, одредена за Македонија.
Со вториот ребаланс на буџетот останува првично најавената проекција дека годинава економијата ќе заврши во минус од само 0,6 отсто. И во третиот квартал ќе има пад на економијата, а само во четвртиот квартал се очекува раст од 1 до 1,5 отсто, со што ќе се компензира падот во другите три квартали. Ваквата оптимистичка прогноза Ставрески ја темели на информациите што ги има Владата.
„Зборуваме за релативен пораст во четвртиот квартал во однос на лани. Вториот и третиот квартал ќе бидат негативни. Мислам дека независно колкав ќе биде растот во четвртиот квартал, добро е што рецесијата завршува во европските земји, а со што Македонија ќе има корист. Најавите од фирмите се дека постепено се обновуваат и нарачките. Тоа не значи дека сме излезени од кризата или оти веднаш ќе се врати економскиот раст како што беше пред кризата, но значи дека постепено ќе заздравува економијата и оти ќе се врати во позитивната зона. Проекциите и предвидувањата во вакви кризни времиња се неблагодарни, сепак, остануваме да ги следиме движењата и какви корекции евентуално се потребни“, најави вчера Ставрески.
Тој уште еднаш ја повика Народна банка на Македонија дека има простор за олабавување на монетарната политика, бидејќи состојбите биле променети. Тоа Ставрески го темели на фактот дека Владата направила два ребаланса, со што придонела да се стабилизираат макроекономските текови, а намален бил и притисокот врз девизниот курс. Тој смета дека мора да се поправи и намалената кредитна активност во земјава, но повторува дека монетарната политика е во надлежност на НБМ.
Ставрески призна дека Владата им попуштила на банките со тоа што ги прифатила нивните барања за промена на условите за заемите од ЕИБ. Сега место прво најавените 200 милиони евра, ќе има 150 за малите и за средните фирми. „За активирањето на кредитната линија од 100 милиони евра од ЕИБ со банкарите се договоривме 75 отсто од средствата да се обезбедат од оваа кредитна линија, а 25 отсто да обезбедат банките. Каматата останува шест отсто. Банките покажаа подготвеност до крајот на оваа седмица да се потпишат договорите, за да почне кредитирањето на малите и на средните претпријатија“, изјави вчера Ставрески.
|