Број 2867  сабота, 20 декември 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон

Претходен број


Site Meter
Забава

Стил

Нов светски копнеж по словенска убавина

Ксенија Сухинова, од Русија, од 13 декември 2008 е новата официјална мис на светот

Јасминка Павловска

Задолжителната желба и врвна амбиција на сите „мисици“: борба за мир во светот, колку и да звучи како карикатурална флоскула, сепак, претставува барем обид во сета бесмисленост на изборите за убавина да се создаде привид на некаква општествена ангажираност и загриженост. Зашто „борбата за мир во светот“ не е евтина работа, па организаторите на неодамна одржаниот избор „Мис на светот“ во Јоханесбург тврдат дека најважно е колку победничката ќе успее да собере средства за големите светски хуманитарни здруженија и фондови. Па во официјалното соопштение истакнуваат дека минатогодишната мис на светот, Кинеската Занг Зилинг, успеала да собере повеќе од 30 милиони долари.

Додека организаторите на избори за убавици инсистираат на „хуманитарниот карактер“ на своите манифестации, било да се тие со локална или со глобална димензија, не можат да побегнат од суштината дека на некој начин, сепак, се пазар на женската убавина. Онаа убавина што ќе шета на модните писти, што ќе се насмевнува од насловните страници, што ќе заведува богати спортски ѕвезди... се' разбира, ако знае да ја менаџира моќта што ја носи со себе и да се издигне над сите стапици на „пазарот“ кои умеат лесно да заведат.

Ксенија Сухинова, дваесет и едногодишната студентка на Нафтено-геолошкиот факултет на Универзитотот во Тиумен, Русија, од 13 декември 2008 е новата официјална мис на светот. Во првата битка меѓу 109 национални убавици, колку што ги имаше на изборот во Јоханесбург, Ксенија успеа да стигне до круната и за почеток да освои 85.000 долари конкретна парична награда. Во овој момент никој не може да процени колку точно ќе заработи со својата титула и дали ќе ја оствари својата голема желба да стане супермодел.

Ксенија на своите победнички фотографии, со круна на главата, изгледа неверојатно добро, како нова верзија на Брижит Бардо.

Оваа руска победа, прва по 1992 година, на некој начин само ја потврди денешната надмоќ на руската или, во поширок контекст, на словенската убавина во медиумите или можеби некој копнеж за оние среќни времиња пред нафтената криза, тероризмот и големата рецесија. Оваа победа на Ксенија Сухинова може да се толкува и како потврда на она што го „изработија“ во светот на модата руските манекенки Наталија Водијанова и Саша Пивоварова. А може да биде и показател дека светот, или барем оние што го диктираат неговиот вкус, по малку се засити од егзотичната убавина на Азијатките, Африканките, Јужноамериканките и повторно сака да ја врати на сцената „класичната русокоса“.

Според Интернет-страницата на американскиот „Вог“, врховен судија кога се во прашање убавината и модата, меѓу десетте најпопуларни манекенки на светот моментно се седум русокоси, а две од нив се Русинки. Токму Наталија Водијанова и Саша Пивоварова. Меѓу најдобро платените манекенки на светот има уште многу од словенско потекло и Русинки.

Дали оваа ситуација на „манекенската мапа“ се должи на медиумската заситеност со дивите Англичанки како што со години ги претставува Кејт Мос? Разбушавена, блазирана, пијана или дрогирана, дури и додека го држи детето во скут. Или бесната Наоми Кемпбел, која е сублимат на егзотика и разгалена, бесна Англичанка? Дали тивката доминација на русокосите манекенки значи враќање во чистите, гламурозни шеесетти со митската парижанка Брижит Бардо?

Веројатно сето тоа е причина, но и уште многу нешта. Имено, Русинките во Лондон се на лош глас, како нападни „спонзоруши“, од кои богатите момци излезени на пијачка во популарните клубови никако не можат да се „откачат“. Но, источњачките во модниот бизнис често се децентни, пристојно воспитани и порационални од разгалените девојки од Западот. На пример, Наталија Водијанова со години и' е најдрага манекенка на шефицата на „Вог“, Ана Винтур. Една од причините поради кои Наталија им се допаѓа на уредниците на американскиот „Вог“ сигурно е нејзиното одмерено однесување, крајното отсуство на блазираност и кокетирање со „живот на работ“. Таа е супермодел без „простачки“ испади, без скандали, дрога и евтини таблоидни процени со кого спие во моментот. Се чини дека таа за Винтур има единствен статус на софистицирана манекенка, која може да го претставува американскиот „Вог“ со традиционални граѓански вредности, од кои таа уредничка не се откажува. Водијанова поседува безвременска убавина, која никогаш не е демоде, туку многу повеќе е во врска со гламурот на висока негуваност и аристократско однесување отколку со моделите каква што е Кејт Мос, кои постојано докажуваат дека се дел од рокерското милје и дека естаблишментот им се гади.

Наталија голем дел од животот минала на тезгата со овошје и зеленчук што ја држела нејзината мајка во градот што тогаш се нарекувал Горки и се грижела за своите две помлади полусестри. Штом добила можност на 17 години да оди да снима во Париз, се фрлила на тримесечно учење на англискиот јазик и отпатувала во Франција. Била видливо позрела и попаметна од своите западни врснички. Набргу го запознала британскиот фотограф Џастин Тревор Беркли Портман, наследник на богатство стекнато во бизнис со недвижен имот. Откако како многу млада добива син со него, набргу се венчаваат во нејзиниот сакан Санкт Петербург. Денес имаат три деца, а Наталија изгради бројни детски игралишта низ Русија, главно во мали провинциски места. Постојано најавува дека ќе се повлече од манекенската работа, но „Вог“ и' дава нови понуди, а таа не може да одбие.

И Саша Пивоварова, втората Русинка меѓу десетте најбарани манекенки, се однесува слично како Водијанова. Ги продолжила студиите што ги започнала на московската Ликовна академија пред да стане модел и понатаму не се одвојува од боите и моливите со кои е преполно нејзиното ателје во Бруклин. Спојката на гламур и автентичен уметнички амбиент толку и' се допаднал на една од уредничките на „Вог“ што дури и ја употребиле како сценографија за еден од своите модни едиторијали.

Руските манекенки, се чини, го подготвија теренот за овогодишната мис на светот, русокосата Ксенија, која ги победи егзотичните конкурентки - Индијката и убавицата од Тринидад и Тобаго.

Оние што ��е можат да се ослободат од потребата за толкување на нештата низ димензијата на економско-политичките светски состојби, не отстапуваат од теоријата дека руската експанзија, што понекогаш се' уште звучи како закана за западниот свет, ја предизвикала и оваа победа на Ксенија. Колку да се смират Русите, со некој нов глобален трофеј.

Но, сепак, модните аналитичари заклучуваат дека темникавите убавици, кои со години победуваат на изборот за мис на светот, веројатно успеаја да го докажат мултикултурниот карактер на оваа по малку веќе демодирана манифестација, што значи дека Европејките повторно имаат шанси да бидат прогласени за најубави жени на светот. Или во светот, сепак, се раѓа нов копнеж по словенска убавина!?

 


Статијата е прочитана 831 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Забава
Рокерите У2 не запираат, нов албум во март
Промоција на Мизар и хорот „Хармосини“
Подобра опција за „Бетмен“ од Џони Деп
Гола пред камерите
„Еј-Би-Си“ - дваесет години инвестиција во генерациите
Кенедиеви не го напуштаат „тронот“
Начинот на исхрана е многу погрешен кај денешниот човек