Број 2867  сабота, 20 декември 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон

Претходен број


Site Meter
Забава

Стил

Кенедиеви не го напуштаат „тронот“

Демократскиот претставник на Квинс злобно изјавил дека нема поим според што госпоѓата Кенеди е квалификувана за политика, освен што има препознатливо презиме, но „такво има и Џеј Ло

 

“Изборот на Барак Обама за претседател на САД, не само во неговата најмоќна земја туку и во целиот свет, ги поттикна верувањата дека надежта во светот добива една поинаква насока и дека „човек од народот“, конечно, ја зема „судбината на светот“ во свои раце. Сепак, под површината на романтичарските приказни за очекувањата од владеењето на новиот најмоќен човек на светот, продолжуваат да функционираат старите вкоренети релации на моќта, градени со децении, од кои се создадени т.н. демократски династии.

Каролина Кенеди, ќерка на легендарниот претседател на САД - Џон Фицџералд Кенеди, која до неодамна се држеше далеку од јавноста и од политиката, објави дека има намера да влезе во трка за место во Сенатот што ќе се испразни кога Хилари Клинтон ќе стапи на новата должност државен секретар во владата на Барак Обама. Наследничката на најголемата американска политичка династија така би ја продолжила долгата семејна традиција, и тоа во пресудниот момент: нејзиниот чичко, сенаторот Едвард Кенеди, боледува од рак на мозокот и семејството се соочи со можноста американскиот Сенат да остане без ниту еден Кенеди - првпат по половина век. На истото место, сенатор за Њујорк, за кое сега се бори Каролина, беше и нејзиниот втор чичко Роберт Кенеди се' до смртта во атентатот во 1968 година.

Досега исклучително повлечена личност, која добар дел од животот минала трудејќи се да се скрие од медиумите што ја следат уште од трагично прекинатото детство во Белата куќа, Каролина Кенеди веќе најави промени кога јавно ја поддржа кандидатурата на Барак Обама, за кого рекла дека ќе биде „претседател како мојот татко“. Таа ја совладала срамежливоста и одржала низа предизборни собири за Обама, на кои покажала дека, како и ЏФК, знае шармантно да се пошегува на сопствена сметка.

Многумина мислеа дека политичкиот ангажман на Каролина ќе заврши со завршувањето на претседателската кампања, но се покажа дека семејните гени се посилни од се'. И покрај клетвата на Кенедиеви, која се заканува над сите членови на семејството обележани со низа прерана смрт, атентати и скандали, Каролина го известила гувернерот Дејвид Патерсон дека ја интересира место во Сенатот.

Додека градоначалникот на Њујорк, Мајкл Блумберг, ја поддржал Каролина, изјавувајќи дека е „многу искусна“ и дека многу направила за градот, многумина се прашуваат дали 51-годишната правничка е квалификувана да биде сенаторка. И покрај семејната традиција на политичари, Каролина Кенеди практично никогаш не била вработена, освен двете нецели години (22 месеца, конкретно) кои ги посветила на стратегиската работа на училиштата во Њујорк. Никогаш не се борела за никаква политичка функција, а ако и се залагала за нешто јавно, тоа биле сосема неконтроверзни работи, како што се патриотизмот, поезијата, па многумина тврдат дека никој жив не би ја сфаќал сериозно ако не го носи презимето Кенеди. Демократскиот претставник на Квинс во една радиоемисија злобно изјавил дека нема поим според што госпоѓата Кенеди е квалификувана за политика, освен што има препознатливо презиме, но како што рекол – „такво има и Џеј Ло“.

Но, Каролина Кенеди, сепак, подлабоко се има врежано во колективната свест на нацијата од Џенифер Лопез, па и од Френ Дришер, ТВ-дадилка која исто така покажала интерес за Сенатот. Повеќето американски гласачи се' уште ја паметат Каролина како девојче кое на тревникот на Белата куќа си игра со своето пони Макарони од она идилично време кога таму владееја убавите и млади ЏФК и Џеки, кога се чинело дека сите можности се отворени и дека Белата куќа е некој вид на Камелот, дворец од легендата за кралот Артур. Малечката Каролина која секој ден го испраќала татка си на работа во Овалната соба била миленичка на медиумите, но ни тогаш не ги сакала. Наводно, пред блесокот на блицевите го криела лицето со рачињата и бегала во куќата.

Уште тогаш злата коб на Кенедиеви ја помрачила семејната идила. Постарата сестра на Каролина е родена мртва, а летото 1963 година нејзиниот најмлад брат Патрик умрел веднаш по раѓањето. Најболниот удар се случува во ноември 1963 година, кога претседателот Кенеди е убиен во Далас. На погребот во Вашингтон, на кој имало околу еден милион луѓе, а уште милиони го следеле преку ТВ-екраните, двете дечиња во сериозни капутчиња последен пат се поздравиле со татка си на излезот од катедралата, малиот Џон со трогателниот војнички поздрав. Ковчегот не го испратиле до гробот, зашто биле премали: Каролина имала шест години, а Џон јуниор само три.

Тогаш, Џеки со децата се иселила од Белата куќа во Џорџтаун во Вашингтон, но бидејќи таму ги посетувале како туристичка атракција, семејството брзо се преселило во Њујорк, во пентхаус на Петтата авенија.

И самата мошне приватна личност, Џеки се трудела нормално да ги воспитува децата, колку што е тоа можно со презимето Кенеди и семеен имот од 200 милиони долари. И додека тагувале и кога славеле, се обидувале да се скријат од сето медиумско внимание.

Тажни прилики имало многу: смртта на Роберт, несреќата што ја преживеал чичко и' Едвард, при што една девојка загинала, скандали со дрога и алкохол во кои биле вмешани некои од 29-те братучеди на Каролина. Потоа доаѓаат уште поболни загуби: смртта на мајка и' во 1994 година и авионската несреќа во 1999 година, во која ги изгуби братот, со кого била необично блиска, и неговата млада сопруга.

Но, имало и поводи за славење. Секогаш одлична ученичка, Каролина дипломирала на Харвард, а потоа се омажила за дизајнерот Едвин Шлосберг. Иако сакале да го избегнат публицитетот, неколку илјади љубопитници се собрале кај црквата на Кејп Код во 1986 година. Каролина има три деца - првата ќерка Роз ја родила истата година кога завршила право на Универзитетот Колумбија.

Децата до неодамна и' беа најважната грижа на Каролина, зашто пред се' сакала да им овозможи нормално детство. Но, тоа не значи дека била исклучиво мајка и домаќинка. Каролина е почесна претседателка на Американскиот балет, претседателка на книжевната фондација „Џ.Ф. Кенеди“ и уште на неколку хуманитарни организации, како и авторка на неколку антологии поезија и две книги за право, од која едната симболично е наречена „Право на приватност“. Во тие 22 месеца, додека работела за градската управа за образование, успеала да собере неверојатни 350 милиони долари за училиштата во Њујорк.

А децата во меѓувреме пораснаа: Рос, која името го добила по бабата на Каролина, има веќе 20 години, Татјана, наречена по бабата на Едвин - 18 години, а Џон, по братот на Каролина - 16, и веќе нема потреба толку силно да ги заштитува од медиумите. Токму децата ја поттикнале да го поддржи Обама во претседателската кампања, додека поддршката од другите членови на семејството, најмногу од чичко и' Едвард и братучедот Роберт јуниор, ја охрабрила да оди и понатаму. За да ги стивне критичарите, кои и' забележуваат на недостигот од искуство, Каролина најавила дека во практика ќе покаже дека има и знаење, способност и нерви, потребни за политичката сцена, па сега се подготвува за низа настапи низ државата Њујорк. Всушност, таа потекнува од семејство на кое политиката му е во крвта и каде што од децата, на летувањата во Хијанис Порт, се очекувало на семејната вечера да седнат подготвени за расправа за некој актуелен проблем.

Гувернерот Патерсон се' уште не се изјаснил, но наводно Каролина се смета за сериозна кандидатка, чие именување би значело дека на тоа место во Сенатот останува жена, и тоа способна да собере 70 милиони долари, колку што е потребно да се вложат во кампања, за да победи на изборите за Сенатот во 2010 година и повторно во 2012. (Ј.П.)

 


Статијата е прочитана 461 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Забава
Рокерите У2 не запираат, нов албум во март
Промоција на Мизар и хорот „Хармосини“
Подобра опција за „Бетмен“ од Џони Деп
Гола пред камерите
„Еј-Би-Си“ - дваесет години инвестиција во генерациите
Начинот на исхрана е многу погрешен кај денешниот човек
Нов светски копнеж по словенска убавина