Печуј е град со неверојатно уметничко милје
 „Две девојки” на Ана Фаур
„Превртено” беше прикажан на унгарскиот филмски фестивал
Од нашиот известувач Сунчица Уневска
ПЕЧУЈ - Прексиноќа на Интернационалниот филмски фестивал во Печуј, Унгарија (7 до 14 октомври), беше прикажан македонскиот филм „Превртено” во присуство на режисерот Игор Иванов. Фестивалот е посветен на дебитантските остварувања и на помладите автори од Централна и Источна Европа, па овде во Печуј е собрана една екипа на филмаџии од регионот, која заедно со медиумите дојдени исто во голем број од овој регион и со локалната публика, создаваат една симбиоза ција цел е да го презентира новото, но и да го открие предизвикот содржан во него. Иако фестивалот во Печуј е мал и не е класичен филмски фестивал, сепак, филмот е базата преку која овде се презентира уметноста во најшироката смисла на зборот (но за тоа подоцна). Што се однесува до филмовите, тие се презентираат во мали киносали, без некоја помпа, но секогаш исполнети докрај и со жив интерес за филмот и за се останато.

„Превртено” беше убаво примен и предизвика интерес, па разговорот по проекцијата беше доста интересен. Се чини дека беа поставувани вистинските прашања, а и одговорите на Иванов беа интересни и провокативни. Публиката се интересираше за темата и за амбиентот во филмот, за тоа колку филмот ја одразува вистинската слика за животот на младата генерација во Македонија. Нивните прашања се однесуваа на симболиката во филмот, но и на амбивалентноста на карактерите, кои како што објаснуваше Игор Иванов не можат да бидат препознаени како позитивни и негативни, што била и една од неговите основни идеи во филмот. Присутните се интересираа и за можностите за снимање во Македонија, како и за тоа кога ќе можат да го видат неговиот следен филм.
Интересен е и силен изборот на филмови во главната програма, бидејќи станува збор за дела кои веќе имаа успех на фестивалите низ светот. Во трка се 12 филма кои се борат за „Златен Бенџамин”, а кои ќе ги оценува исто така интересно жири во кое се реномираниот британски филмски критичар Филип Бергсон, една од големите руски легенди Кира Муратова и помладиот необичен и помалку контроверзен германски уметник Фред Келеман. Од филмовите во конкуренција сега за сега би издвоиле два, унгарскиот „Две девојки” на Ана Фаур, направен според вистинска приказна и хрватскиот„Живи и мртви” на Кристијан Милик.
Филмот на Ана Фаур е една е силна приказна за дезинтеграцијата и за револтот на две млади девојки во обидот да го најдат своето место во хаосот и апатијата. Приказната ќе кулминира со убиството на еден таксист, а Ана Фаур иако ова е нејзино деби ќе успее одлично да ги долови карактерите, психата и болката. Филмот е направен многу реалистично дури документарно, а двете девојки, кои се всусност француски актерки, се исклучително автентични. Филмот на Кристијан Милиќ пак, се фокусира на војната во Босна, но на еден сосем поинаков начин. Тој всушност не одредува за која војна станува збор, ниту ги дели војниците на страни, целиот филм е сконцентриран на амбиентот и на атмосферата, на ужасите и на уништувањето, на обезличувањето говорејќи уште еднаш индиректно, но многу сугести��но, за целата бесмисла на војната.
Инаку, програмата на фестивалот во Печуј е посветена како на филмот, така и на музиката. Подеднакво колку што има филмови во главната и во информативната програма, во која е и нашиот „Сенки” на Милчо Манчевски, толку има и настапи и концерти во музичкиот дел од програмата. Clacx City Rebels, Electric Blyes Circys, Folk Blyes, Jazz Session, итн. Имено, Фестивалот во Печуј не е само филмски фестивал, тој ја презентира уметноста воопшто, и тоа во неверојатен дослух со градот. Во рамки на фестивалот се одржуваат и бројни трибини и предавања на интересни теми поврзани со Балканот (Балканот како простор и како поим, Филмот и литературата на Балканот), потоа изложби, класична музика, конференции за филмот и за ренесансата (бидејќи ова е година на ренесансата).
Печуј е всусност град кој фасцинира со својата култура, ова е град кој има 200 илјади жители но има многу богато културно наследство и традиција. Во овој мал град на секој чекор има прекрасни и богато опремени книжарници и огромен број музеи со постојани и периодични излозби. Печуј е познат како град на едукација и иновации, во него е основан првиот Универзитет во Унгарија, како и првата јавна библиотека. Во 2010 Печуј ќе биде европски град на културата. И не е чудно што организаторите на фестивалот колку што се трудат да го презентираат филмот, толку се трудат во програмата да го вклопат и своето фантастично уметничко милје. Затоа овој фестивал за гостите е особено доживување, бидејќи се е подредено на суштината која секоја уметничка форма ја носи во себе. Тука така се живее и дише, во склад со вековната култура и во склад со секаков вид креативност и уметничка презентација. Со еден збор, Печуј е неверојатен град. |