Ставот на уметниците спроти тромавоста на публиката

За да бидат поблиску до јавноста, делата од 4. „Став“ се изложени и во хотелски бар во Битола
Катерина Богоева
Во Битола минатата недела се одржаа трите дена, од четвртото издание на фестивалот на видео/кратка и експериментална филмска/фотографија „Став“, на кој и овој пат беа прикажани дела од автори од повеќе земји. Неговата суштина е содржана во самото име и е отворена можност за запознавање со актуелната светска визуелна уметничка сцена, со творештвото на младите автори , но и на веќе потврдените имиња, како што овој пат беше случај со холандскиот уметник Уве Лајсипен, познат како Улеј/ Улај, фотограф по вокација, автор со богата творечка биографија која ја чинат проекти работени во различни делови на светот.
До 17 октомври во хотелот „Амбасадор“ каде фестивалот на почетокот на месецов беше и отворен со перформанс на уметникот од Австрија Рајнхард Бернштајнер, и во културниот центар „Магаза“, можат да се видат делата на Франц Вест, на Студиото „Франц Вест“, на Антон Херцл, Коста Тонев, Роналд Зехнер, Франц Капфер, Хајри Хефлингер, Алберт Гаспари, Јован Балов, Михаела Штрумбергер, Џениа Чеф, Мартин Џеф, Ивона Борковска и Луцина Виале, Дагмар Тичмен - Лихтфелд, Александра Петрушевска, Методи Ангелов и Спенсер Марфи, Ирена Паскали, Вадим Раковски, Душан Тодоровиќ, Спартак Дулиќ, Викторија Мелоди, Мирјана Мариншек - Николиќ, Соња Вук, Власта Заниќ, Рената Полјак, Дарија Андовска и Младен Дикиќ, Јован Балов, „Мултифекс“, Волфганг Патрик иВалтер Ленериц, Кристијан де Лутц, Ирена Паскали, Ѓорѓе Јовановиќ, Нада Прља, Марина Марковиќ и Тања Дабо.
Иако станува збор за квалитетен избор на авторски дела, тие сепак не и беа доволно привлечни на битолската публика во трите фестивалски дена (2 - 4 октомври). Неа, очекувано ја имаше во поголем број на отворањето, но неочекувано, се „проретчи“ еден час подоцна, во галеријата „Магаза“, која од хотелот е оддалечена само стотина метри.
Директорот на хотелот, Тони Јолески, во чиј бар гостите по прв пат престојуваат опкружени со фотографии и видео - дела, отворено ја подржува уметноста. „Во фотографиите уживаат и оние посетители кои знаат за фестивалот, но и оние што влегуваат без никаква информација. Драго ми е што реагираат и луѓе на кои ваквата алтернативна уметност им е страна. Верувам дека делата влијаат на подигање на свеста кај посетителите, на формирање на одреден критички став. Би сакал вакви изложби да има и во автобуската и железничката станица во градот, во училиштата, болниците, но сметам дека организаторите треба на „поагресивен“ начин да го будат интересот кај публиката.

И Билјана Исијанин, директорката на Центарот за современи јавни уметности „Елементи“, организаторот на „Став“, го нагласи избраниот предизвик, делата на нов начин да и се приближат на публиката, говорејќи како за уште еден свесно избран чекор. „Земајќи го во обзир фактот дека новите визии и ставови би можеле да го променат светот, ние како организација секогаш сме се труделе да го менуваме начинот на презентирање, но не само со избегнување на институцијата и делување во нови алтернативни простори (иако и тоа сме го правеле многу пати), туку и навлегување во личната сфера на едно јавно живеење. Затоа изборот овој пат беше да се направи дистинкција помеѓу претставувањето на делата во институционален простор - галерија и во јавен простор - хотелски бар. И двете ги покажаа своите лоши и добри страни, што е секако добар начин да се испитаат некои социјални појави во нашето живеење и во менталитетот на нашиот народ. Настанот ни овозможи подолгорочно занимавање со темата на рециклирање на загубените способности, загубеното тело, загубената социјалност, или загубениот вкус за храната. И воопшто за допирот на реалниот живот. Оттука, присуството на уметникот Улај беше од особено значење Самото негово присуство, со сето она што тој го носи во себе како уметник, сите негови снажни дела за кои имавме ексклузивна прилика да ги видиме и за нив да слушнеме и во неформалниот дел, преку директни разговори и дружења, му даде единствен снажен печат на годинешното издание на фестивалот. Тоа што неговото предавање беше посетено од мал број на посетители, и покрај доволната информираност и медиумска покриеност, уште еднаш ја потврдува тромоста на нашата публика кон нешто што излегува од границите на секојдневието. Но ние сме свесни дека живееме во еден свет во кој има се повеќе информации, а се помалку смисла и дека е непотребно да се прашуваме што е тоа што создава невистина, наместо вистина и едноставно се обидуваме да ја потенцираме стварноста, со сета нејзина парадоксална природа. Оттука, храбро ги издржуваме сите напади, па дури и субверзивно - суптилни дејствија би ги нарекла, во текот на реализирањето на сите наши настани “. Меѓу гостите од странство, во Битола годинава беа и уметниците Власта Жањиќ од Загреб и Мирјана Мариншек - Николиќ од Белград. Авторката од Србија смета дека фестивалот е примерен за уметниците кои го задржуваат својот став и мислење за општеството и за неговите горливи прашања. Меѓу другото, таа и забележа „Ако тоа не тргне од нив, па тогаш од кого“. |