Отворена етнолошка изложба во Велес
ВЕЛЕС - Носии, кошули, фути, прекривачи и чорапи изработени од памук или волна од Повардарјето и Овче Поле вчера и' беа претставени на велешката публика. Овие предмети, сите рачно изработени од македонската жена во деветнаесеттиот век, беа дел од етнолошката изложба ,,Од женската традиција на минатото“.
,,Изложбата ја подготвувавме пет месеци. Сакавме да го прикажеме раскошот на предметите кои рачно ги изработувале жените во 19 век во овој регион“, вели Светлана Ѓорѓиева, етнолог од Народниот музеј. Дел од изложените експонати се донација од познати велешки семејства. Изложбата ја подготви Одделението за етнологија при Народниот музеј, а е со цел да го објасни етнолошкото и историското значење на овие простори. (С.Ќ.Н.) |