„Ѓурѓа“ објави патописи за Македонија во 1903 и 1904 година
Записите на тројца странски патописци кои ја посетиле Македонија за време и непосредно по Илинденското востание ги објави издавачката куќа „Ѓурѓа“ под заеднички наслов „Македонија во делата на странските патописци 1903-1904”. Редактор е академик Александар Матовски, а оригиналите се чуваат во Конгресната библиотека во Вашингтон. Најобемен е записот на англискиот публицист Хенри Ноел Брејлсфорд, кој во Македонија дошол веднаш по Илинденското востание како член на Британскиот фонд за помош и пет месеци патувал низ земјата. Крепосните и сиромашни селани кои немаат ниту сигурност, ниту права, ќе бидат еманципирани само кога ќе бидат ослободени од секојдневното измачување, оценува авторот, изненаден од суровиот даночен систем на Турција „совршен за пљачкосување и искористување”. Илинденското востание за Брејлсфорд повеќе е пасивна демонстрација на целото население отколку активно војничко движење, зашто помали загуби имало меѓу борците, а повеќе меѓу цивилите, т.е. „оние кои ја поднесоа целата тежина на гневот на нивните господари”. Авторот ги смета за неуспешни Мирцштешките (австро-руските) реформи од септември 1903 година за влегување на европските сили во Македонија и за реорганизација и едукација на турската жандармерија, заклучувајќи дека тие дале разочарувачки резултати и „се обиделе да ја реафирмираат Македонија без да водат сметка за Македонците”, па поентира со заклучокот „тие не можат да имаат вреден и мирен напредок се додека не се реши македонското прашање“.
Рускиот новинар Рејнхелит Николај Николаевич престојувал во јуни 1904 за да пишува статии за руските весници за поствостаничката состојба. Убаво го опишува Солун, споредувајќи го по сличноста со Смирна (Измир), се осврнува на реформите од Мирцштег, а го пренесува и разговорот со Хилми-паша, застапникот на султанот за Македонија, кај кого бил на аудиенција.
Англискиот новинар Џон Бут, официјален воен дописник на весникот „График“, во својот патопис опишува неколку повоени македонски градови и села во „Забранетата Земја“. И самиот презел ризичен потег или, како што вели, авантура, да минува по небезбедните патишта на планините и по свежо опустошените и пеплосани места во кои демнат опасности од заседи на вооружени разбојнички банди. - Македонија е убава земја, преубава за да биде гнездо на расна омраза и крвопролевање. Плодна, но сиромашна: продуктивна, но нема ништо, зашто се поти и црнчи за своите пљачкаши... За време на тие возбудливи денови ми се отвори срцето на Македонија, дознав работи што се кријат од жителите на градовите, работи што се дотерани со „веродостојна статистика“, вели Бут.
Минатата година „Ѓурѓа“ објави седум патописи на странски автори кои ги запишале впечатоците од својот престој во Македонија во 1903 година. (Н.П.) |