„Риголето“ со млади македонски пејачи

В недела, на обновената сцена на Македонската опера и балет во 20 часот, ќе биде изведена Вердиевата опера „Риголето“ под диригентската палка на Јануш Пшибилски од Полска.
Приказната за трагичната судбина на дворскиот шут и неговата ќерка Џилда, на сцената ќе ја донесат младите македонски оперски пејачи, сопранот Ана Ројдева-Талеска како Џилда и тенорот Ѓорѓи Цуцковски како Војводата од Мантова. Во неделната изведба на „Риголето“ ќе настапи и басот Игор Дурловски како Спарафучиле, додека улогата на Мадалена ќе ја толкува мецосопранот Ирена Кавкалевска. Во насловната улога ќе го видиме басот од Бугарија, Нико Исаков, чест гостин на македонската оперска сцена.
Режисер на претставата е Нина Најденова од Бугарија, сценографијата ја изработи Живоин Трајановиќ, додека костимите се на Марија Пупучевска. (Т.И.) |