Број 3619  петок, 01 јули 2011
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Онлајн вести

Насловна








Site Meter
Култура

Џуди Денч го отвора фестивалот во Карлови Вари

Во прекрасниот чешки град ќе пристигнат и Дејвид Морс, Џон Туртуро, Барт Јанг, а како посебни настани се издвојуваат „Музичката одисеја“ и „Спиритуалноста и филмот“

Сунчица Уневска

Денеска исклучителната дама на светскиот филм Џуди Денч ќе го отвори 46. издание на Филмскиот фестивал во Карлови Вари, Чешка, при што ќе и биде врачен почесниот „Кристален глобус“ за животно дело. Во чест на Џуди Денч годинешниот фестивал во овој преубав и сказновиден град ќе се отвори со новата адаптација на „Џејн Ејр“, чие навраќање во времето одлично ќе се вклопи во неговата романтична сценографија. Вечниот роман на Шарлота Бронте овој пат го екранизира Кери Фукунага, кој се смета за еден од најголемите таленти на современиот, филм иако зад себе има само еден филм, „Син Номбре“, што во 2009 година победи на независниот фестивал во Санденс. Покрај Џуди Денч во филмот играат и Мајкл Фасбиндер и Џејми Бел, додека улогата на жената која ќе биде доволно храбра и доволно луда да ја бара љубовта по секоја цена, ја игра нежната и етерична Миа Ваисковска (која даде одлична улога во новиот филм „Вознемирен“ на Гас Ван Сент).

На фестивалот, кој ќе трае до 9 јули, ќе се прикажат 179 филма поделени во десет програми, и уште седум секции кои се ретроспективни или почесни, како: „2011: Музичка одисеја“, „Надвор од минатото“, навраќањето на делата на Семјуел Фулер и Денис Вилнев или посветата на младиот грчки филм. Спецификата на Карлови Вари е во тоа што на овој фестивал трите главни програми имаат речиси рамноправно место и се подеднакво важни и натпреварувачки. Официјалната селекција во и надвор од конкуренција, потоа програмата „Источно од Запад“, како и Документарната програма, која исто носи филмови во и надвор од конкуренција.

Оваа година Македонија со филмот „Панкот не е мртов“ на Владимир Блажевски е вклучена во компетитивниот дел во програмата „Источно од Запад“. Она што е интересно за оваа година е што овој фестивал, кој првенствено е посветен на европскиот, но и на источноевропскиот филм, има многу малку остварувања во главните програми од овој регион, а особено од земјите на поранешна Југославија. Заедно со нашиот филм во „Источно од Запад“ свои дела имаат само Босна и Херцеговина и Хрватска, а од соседите Бугарија, додека во официјалната компетиција има само еден филм кој е во данско-хрватска копродукција, и тоа е се'.

Годинава, почнувајќи со Џуди Денч, се чини дека фестивалот во Карлови Вари се обидува (како и поголемите фестивали) да донесе познати актерски имиња кои ќе ги претстават своите нови филмови. Така, на пример, се очекува доаѓањето на американскиот актер Дејвид Морс („Зелената милја“, „12 мајмуни“, „Доказ за живот“, „Танчер во ноќта“, „Харт локер“) кој треба да го претстави канадскиот филм „Соработник“ на младиот Мартин Донован, кој е вклучен во официјалната селекција, а на кого ова му е дебитантски филм. Овде само да кажеме дека и вториот дебитантски филм во оваа програма доаѓа од Канада, „Ромео 11“ на Иван Грбович, а интересно е дека од 12 филма во главната програма по два имаат само Канада и Германија. Другите филмови се од Русија, Полска, Франција, Шпанија, Словачка, Италија и Израел.

Покрај Дејвид Морс, на фестивалот се очекува и американскиот актер Барт Јанг, кој ќе го претстави филмот на Том Мекарти „Вин Вин“ од програмата „Хоризонти“. Барт Јанг и е многу познат на публиката по своите улоги во криминалните филмови, но пред се' и по своето учество во сите продолженија на „Роки“, потоа во „Беше еднаш во Америка“, од телевизиската серија „Сопрано“ и многу други. А исто така, еден од најинтересните гости е и полскиот актер Јежи Штур, кој често игра во европските филмови, а публиката го памети од „Декалог“ и „Три бои: бело“ на Кшиштоф Кишлофски, како и од филмовите на Нани Морети „Кајман“ и последниот „Хабеас Папам“, кој исто така ќе се прикаже во програмата „Хоризонти“. Инаку, во Карлови Вари оваа година по пет години повторно ќе дојде и најпознатиот азиски режисер Ким Кидук. Овој маестрален автор, кој му се наметна на светот со својот особен поглед на нештата, со својата исклучителна визуелна сензибилност и со провокативноста, која никогаш не е директна, но успева да потресе многу посилно од тоа, ќе дојде со документарниот „Ариранг“, кој во Кан му донесе награда во програмата „Извесен поглед“.

Веќе пишувавме дека на чешкиот фестивал ќе пристигнат и Џон Туртуро, и Џон Малкович и култниот режисер Монте Хелман. Но, Карлови Вари, иако спаѓа во А категорија и по своето значење заедно со Локарно и со Сан Себастијан е веднаш зад најголемите во Кан, Берлин и Венеција, сепак, не е фестивал на ѕвезди. Таму бројната публика, која доаѓа од повеќе европски држави, не доаѓа за ѕвездите. Тоа навистина звучи неверојатно, но така е. Публиката таму доаѓа за дружење, за филмови и за атмосферата, која дефинитивно е единствена и не можете да ја најдете никаде на друго место.


#
Статијата е прочитана 249 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Култура
Замина актерскиот мудрец Кирил Ристоски
Блуз од Сад и од Европа на јубилејниот фестивал „Блуз и соул“
Презентации на „Панкот не е мртов“ и на „Балканот не е мртов“
„Полски плакат“ во „Мала станица“
„Оркански висови“ и настап на „Монистра“ на „Скопско лето“
Ниви книги

"""