Презентации на „Панкот не е мртов“ и на „Балканот не е мртов“
Годинава на 46. Интернационален филмски фестивал во Карлови Вари, Македонија има претставник во главна програма, а исто така и во делот наменет за филмската индустрија. „Панкот не е мртов“ на Владимир Блажевски е вклучен во една од трите главни програми, „Источно од Запад“, во која заедно со уште 11 филма ќе се бори за наградата од десет илјади долари. Додека, филмот „Балканот не е мртов“, чие снимање тукушто заврши, беше избран во делот наречен „Проекти во прогрес“, каде што ќе биде претставен пред потенцијални дистрибутери, продажни агенти и организатори на фестивали.
Годинава некако сосем случајно се погоди да имаме одредена игра на наслови, која сепак, многу индикативно зборува за овие простори, иако „Панкот не е мртов“ и „Балканот не е мртов“ зборуваат за навидум сосем различни, но од друга страна и многу слични нешта, кои како вечни теми се провлекуваат на Балканот. Блажевски успева многу добро да ја фати денешната ситуација и безнадежноста во која живееме, додека Ацо Поповски својот акцент го става на темите за љубовта, за пропаѓањето и раѓањето на империите, за соочувањето со сам себе, но и прашањата за омразата и простувањето. Филмовите на свој начин наметнуваат одредени размислувања, споредби или очекувања, но во секој случај, носат провокативност и порака дека темите се присутни, но често не онака како што тоа другите го очекуваат од нас.
Но, за тоа подоцна. „Панкот...“ е дел од главната програма на фестивалот и деновиве беше претставен и во списанието „Film New Europe“, кое главно е фокусирано на земјите од ЕУ, иако Ана Френклин лани беше во Битола и за „Браќа Манаки“ одвои голем простор. Во FNE се вели дека „Панкот...“ е впечатлив независен роуд-муви направен со екстремно низок буџет. А на прашањето што значи тоа, продуцентот Дарко Попов вели дека имало повеќекратни одложувања, дека кога почнале да снимаат морале да одат до крај без оглед на последиците и дека секогаш биле свесни дека проблемите се само фаза која ќе помине. Филмот е копродукција со Србија, а неговиот буџет е 330 илјади евра, од кои 250 илјади даде македонскиот Филмски фонд. И продуцентот и повеќе членови од екипата биле ученици на Блажевски, па како што пишува во ова списание, тоа придонело многу полесно да се разберат и да ја доловат поентата и стилот на филмот. Како тоа ќе прозвучи во Карлови Вари, на неговата премиера на 3 јули, останува да видиме. (С.У.) |