Блуз од Сад и од Европа на јубилејниот фестивал „Блуз и соул“
На 4 и на 5 јули во клубот „Колосеум“ љубителите на блузот ќе уживаат во музиката на атрактивни имиња од САД, Германија, Србија и од Бугарија
Тина Иванова
Блузот повторно се враќа на македонската културна сцена. Откако, поради финансиски причини неговиот континуитет беше прекинат изминатите две години, традиционалниот „Блуз и Соул“ фестивал годинава ќе се одржи, и тоа ќе претстави квалитетни и интересни имиња и состави. На 4 и 5 јули во летниот клуб „Колосеум“ во Градскиот парк во 21 часот, љубителите на музиката која ја опејува тагата родена на американските памучни полиња, ќе имаат можност да проследат чет��ри концерти на групи од САД, Србија, Бугарија и од Германија. Јубилејното, петнаесетто издание на фестивалот ќе го отвори српскиот блуз бенд „Тексас флуд“, а по него ќе настапи групата на вокалистката Шакира Саида со атрактивната младата гитаристка Дона Грентис како гостин, кои доаѓаат од колевката на блузот, САД. Втората вечер е резервирана за концертите на „5 Икс Ел“ од Бугарија и групата на гитаристот Грегори Хилден од Германија, каде како гостин ќе настапи американската вокалистка Хариет Луис.
Годинашново издание на фестивалот „Блуз и соул“последен пат ќе се случува во рамките на „Скопско лето“. Како што најавуваат организаторите, од идната година „Блуз и соул“ ќе стане независен фестивал и е предвидено да се одржува кон крајот на месец септември во Универзалната сала, во повеќе вечери и со побројни учесници.
„Поминаа 15 години од првиот фестивал ’Блуз и соул‘ кој се одржа во Универзалната сала во 1996 година кога продефилираа врвни имиња како Кенди Далфер и Жоао Боско. Секоја година, па така и оваа, се обидуваме да носиме врвни имиња од областа на блуз-музиката. Годинава на програмата има разновидни бендови и артисти, но во основа на нивната музика е блузот“, рече Васја Ивановски, програмски уредник на „Блуз и соул“, на вчерашната прес-конференција.
Како што веќе споменавме, фестивалот ќе го отвори групата „Тексас флуд“ („Texas Flood“) од Белград, кој се смета за еден од најдобрите блуз состави во Србија. Ненад Златановиќ, гитара и вокал, Иван Чукиќ, бас и Владимир Голубовиќ, тапани, го формираат бендот во 2004 година, а во нивната музика се чувствуваат влијанијата на рок музиката. Ѕвезди на вечерта се атрактивните Шакира Саида (Shakura S’Aida) вокал, која ќе настапи со свој бенд и гитаристката Дона Грентис (Donna Grantis) како гостин, во чија биографија стои, за нас интересен податок, дека има македонско потекло, иако уште поважно е што свирењето на Грентис е вистинска сензација. Шакира Саида е мултимедијална уметница со интернационална кариера која доаѓа од Њујорк. Таа поседува експресивен и атрактивен глас, а не помалку интересен е и нејзиниот придружен бенд.
Бугарскиот бенд „5 Икс Ел“ („5XL“), кој ќе ја отвори втората вечер, ќе исполнува авторска музика, но ќе изведува и некои традиционални блуз теми. Состав од Бугарија првпат гостува на фестивалот „Блуз и соул“, а неговото учество е остварено со помош на Бугарскиот културен центар во Скопје. Основач на групата е еден од најдобрите гитаристи во Бугарија, Борислав Димитров-Боро. „Грегор Хилден Бенд“ („Gregor Hilden Band“) од Германија, со специјалната вокалистка од САД, Хариет Луис (Harriet Lewis) ќе го затворат годинашното издание на фестивалот, со музика што е мешавина од традиционалниот и модерен електричен блуз, во кој се препознаваат и елементи на џезот, соулот и свингот. За пошироката јавност е интересен податокот дека пејачката Хариет Луис соработувала со имиња како што се Мајкл Џексон, Ерик Клептон и Џорџ Бенсон.
Фестивалот „Блуз и соул“ годинава го помага Градот Скопје со 250 илјади денари, но е поддржан од спонзори. Во случај на дожд, програмата ќе се префрли во Универзалната сала. Билетите по цена од 300 денари ќе можат да се набават во „Југотон“. |