Ниви книги
„Партија шах“ Од Теа К. и Гето Руди, „Магор“, 153 страници
Книгата „Партија шах“ е заедничка збирка со хаику-поезија на Теа К. и Гето Руди. Таа претставува прво поетско остварување во корици и на двајцата автори и опфаќа избор од нивната хаику-поезија, што е творена во последните шест години.
Во „Партија шах“ се опфатени по 77 хаику-песни од двајцата автори, од едната страна на Теа К., а од другата на Гето Руди, коишто се среќаваат на средина. Токму затоа, а и поради, сосем случајно, хаику-песни поврзани со шахот и кај двајцата автори, книгата го носи насловот „Партија шах“, што соодветствува со начинот на претставување на изборот: различни хаику-песни од двајца различни автори едни спроти други, различни „стратегии“ и начини на изнесување на творечките „потези“, еден вид на непретенциозен поетско-уметнички „натпревар“, една игра на поезијата.
„Граѓански простор“ Од Томислав Османли, „Блесок“, 234 страници
Книгоиздателството „Блесок“ ја објави културолошката студија „Граѓански простор“ на Томислав Османли, со поднаслов „Разгледи за културата на салонот и за граѓанските вредности". Авторот на оваа студија се зафатил со обработката на кај нас до сега непозната публицистичка, есеистичка и теоретска тема: граѓанскиот простор не како локација туку како духовен амбиент во кој се развиваат граѓанските вредности и нивниот историски континуитет. Интересирањето на авторот за феноменот на граѓанскиот простор и систем на вредности, потекнува од констатацијата дека тој е повеќекратно дефицитарен кај нас, при што Томислав Османли на самиот почеток на својот релевантен ракопис забележува: „С? повеќе ми се чини дека сите наши проблеми доаѓаат оттаму што на валиден начин не сме поминале низ една битна социјална и историска институција, граѓанскиот салон.“
„Рингишпил“ Од Јелена Бачиќ Алимпиќ, „Матица“ 341 страница
Авторката чиј роман читателите на Клубот „Матица“ го избраа за „Хит на летото“ испишува интимна приказна за балерината со
нежно тело и џиновски дух, која остава печат на сите славни балетски сцени, градејќи роман за малите-големи луѓе, за салашарите и уметниците, поетите и нивните музи, за утрата што мирисаат на слатко од дуњи и на незаборавните руски зими. Како што многумина од нашите читатели истакнаа во своите коментари за „Рингишпил“, велат од „Матица“, „толку силни емоции на едно место може да смести само жена со чисто и големо срце.“
„Забранета книга“ Од Веле Смилевски, „Дијалог“, 186 страници
Во книгата се презентирани 60 песни со теми во кои современите и митските состојби се испреплетени со состојбите на творештвото и творечкиот чин. Покрај носечкиот циклус со наслов “Забранета книга”, стихозбирката ги содржи и циклусите: „Алтернативна книга“, „Митска книга“, „Книга на стравот“, „Книгата препознавање“, „Книгата фрагмент“ и „Книгата кафез“.
Веле Смилевски е автор на 12 стихозбирки, меѓу кои и на поетската трилогија „Час по поезија“, составена од книгите: „Педесет песни“, „Педесет допевања“ и „Педесет поетски коментари“.
|