Митревски се враќа на голот на репрезентацијата
Во подготовките за ракометното СП во Хрватска шанса ќе добие и Стојанче Стоилов
Роберт Димитриевски
Голманот Никола Митревски по долгото отсуство од ракометните терени повторно ја доби довербата на селекторот Иле Темелковски, кој го стави на списокот на 20 играчи за завршните подготовки за Светското првенство 2009 во Хрватска. Повредата и долгата рехабилитација го чинеа 23-годишниот чувар на мрежата на Вардар про губење на репрезентативниот статус по последниот настап за националниот тим во јануари годинава во рамките на мундијалската квалификациска група со Бугарија и со Португалија. Битолчанецот успешно се врати на голот на црвено-црните минатиот месец во двомечот со швајцарски Кадатен Шафхаузен од третото коло на Купот на куп-победниците.
На подготовките што ќе почнат со прозивката в сабота во хотелот „Континентал“ во Скопје шанса да се наметне за едно од 16. места за СП ќе има и пикерот на Металург, Стојанче Стоилов. Помладиот брат на Мите Стоилов, кој исто така се најде на списокот, беше во комбинација и за неодамнешниот старт во квалификациите за Европското првенство 2010 во Австрија, но во првата средба со Естонија во Скопје остана на трибините, а на реваншот во Полва не ни замина.
Против Естонците ги немаше ни крилата на Металург, Александар Јовиќ и Владо Недановски, а во дресот со државниот грб се враќа и пикерот Ванчо Димовски, кој двомечот го пропушти поради повредата на коленото. Другите повикани играчи се стандардните голмани Ристовски и Ангелов, крилата Алушовски, Макалоски, Темелков и Златко Мојсоски, пикерот Ѓоргоноски и бековите Стојановиќ, Филип и Кирил Лазарови, Маркоски, Миркуловски, Наумче Мојсоски и Митков.
Од понеделник репрезентацијата се сели во Србија, каде што на Златибор ќе одработи седумдневни висински подготовки, по кои за 29 декември во Скопје е предвиден контролен натпревар со Романија. По дводневната пауза за Нова година следува турнирот во Швајцарија, на кој од 2 до 5 јануари покрај со домаќинот ќе се одмерат силите и со Саудиска Арабија и со Турција. Последна проверка ќе биде двомечот со Црна Гора на 10 и 11 јануари во Скопје, а за Хрватска се заминува на 14 јануари.
Македонија е во група со Тунис, Алжир, Полска, Германија и со Русија, со кои ќе игра по тој редослед од 17 до 22 јануари во Вараждин, а само првите три селекции ќе продолжат во вториот круг.
|